Условите за инвестирање презентирани пред чешките компании

8.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Условите за инвестирање презентирани пред чешките компании

Вицепремирот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски на вториот ден од посетата на Чешка, во рамките на инжинерскиот саем во Брно, учествуваа на бизнис форум, на кој пред заинтересираните чешки компании, ги презентираа условите за инвестирање во Република Северна Македонија.

Анѓушев посочи дека Владата во изминатите две и пол години, посветено и напорно работеше на имплементација на економските политики, програми и мерки, а резултат на оваа работа се рефлектира преку позитивните стапки на раст на бруто домашниот производ, индустриското производство, странските инвестиции, бројот на вработени, растот на платите и др.

„Започнавме со негативна стапка на раст на БДП од -1.8%, односно со рецесија во 2017 година, а со имплементација на Планот за економски раст и други комплементарни програми, дојдовме до раст на БДП до 4,1% во првиот квартал и 3,1% за вториот квартал од 2019 година. Очекуваме годинава да ја завршиме меѓу 3,5 и 4% раст на БДП. Минатата година имавме рекорд на СДИ во државата, приближно 6,5% од нашиот БДП односно во бројки, повеќе од 700 милиони долари СДИ во земјата. Во изминатите две години отворени се нови 54.000 работни места, а невработеноста е намалена за над 5%. Нето платите се зголемија во просек за околу 10%. Во нашата држава може да најдете сигурна работна сила за работа, на инженерско ниво, но и на ниво на техничари и работници. Во моментов не бараме компании кои ќе вработуваат многу луѓе, туку бараме компании кои бараат повисоко ниво на технолошки вештини и би вработиле од 300 до 500 лица, но со највисоко ниво на технолошка подготвеност“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев ги покани чешките компании да се уверат во одличните услови за инвестирање во земјата и да го искористат позитивниот моментум во кој се наоѓа Северна Македонија.

Претставувјќи ги владините економски политики за поддршка на нови инвестиции , министерката Апостолска истакна дека Владата обезбедува значителна финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти преку законски, транспарентни и предвидливи процедури, без простор за било каков тип на политички волунтаризам.

„Ние развивме и имплементиравме низа комплементарни економски програми насочени кон подобрување на деловната клима во земјата и поттикнување нови инвестиции, стимулирање на претприемништво, подобрување на технолошките процеси и воведување иновации во производните процеси на компаниите“, рече министерката Апостолска.

Директорот на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски се задржа на условите кои им се овозможуваат на компаниите кои се одлучуваат да инвестираат во некоја од зоните во земјата. Тој потенцираше дека компаниите имаат можност да добијат долготраен закуп на земјиште во зоните, за многу поволни цени, при целосно изградена инфраструктура од страна на државата, како и други видови на даночни и царински олеснувања. Во изминатите две и пол години дваесетина нови проекти на странски компании од развиените земји, започнаа со реализација во зоните, а ефектите од нивната работа се очекуваат во периодот кој следи.

Државниот секретар во министерството за надворешни работи на Република Чешка Милослав Сташек, зборувајќи на бизнис форумот, ги потенцираше пријателските односи помеѓу двете земји. Тој нагласи дека Чешка ги поддржува евро-атлантските интеграции на нашата земја и дека Владата е подготвена да помогне во модернизација и побрз економски развој на нашата земја.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата