ТРОЧАЊИ: Длабоко во срцето ми се земји кои сакаат да влезат во ЕУ. ПАВЛОПУЛОС: Европа не може да прави чекори назад за да чека други

21.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ТРОЧАЊИ: Длабоко во срцето ми се земји кои сакаат да влезат во ЕУ. ПАВЛОПУЛОС: Европа не може да прави чекори назад за да чека други

Проширувањето и соседството се темите што ги имам длабоко во моето срце и е голема чест за мене, порача Ласло Трочањи, предложениот комесар за проширување на Европската унија на средбата со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, а неговиот домаќин, од своја страна, истакна дека Грција има цврсти и јасно европски позиции за проширувањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Поранешниот унгарски министер на средбата во претседателската палата во Атина, истакна дека Европската унија е „голема љубов”, а објасни дека иако постојат земји што сакаат да ја напуштат унијата, сепак има и такви кои сакаат да станат членки.

Не треба да заборавиме дека постојат земји кои посакуваат да ја напуштат ЕУ, како што е Брегзит, кое сите знаеме што значи. Постои една земја која ја напушта Европската унија, за жал постои ова, но постојат и други земји кои сакаат да влезат во Европската унија. Ова е нешто што го имам длабоко во срцето и многу ќе работам за тоа, порача Трочањи.

Сакам да ве уверам дека позициите на Грција за прашањата со проширувањето се цврсти и јасно европски. Ова значи дека сме наклонети кон сите земји кои што сакаат да се интегрираат во Европската унија. Но, за ова постои еден неопходен предуслов, да се целосно подготвени за да можат целосно да го почитуваат европското законодавство, рече грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.

Тој додаде дека ова се однесува и на почитувањето на европското и меѓународното право, но и на одредбите што се однесуваат на почитувањето на човековите права.

Едно е сигурно и мислам дека за ова ќе се согласите, дека Европа не може да прави чекори назад за да чека други. Европа треба да оди напред и оние кои што се во позиција и сакаат да стигнат на овој пат, Европа секогаш ќе биде отворена. Но, отстапки во однос на критериумите за интеграција на земји во ЕУ, не може да постојат, порача Павлопулос.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата