Њујорк и Мичиген ги забранија ароматизираните електронски цигари

19.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Њујорк и Мичиген ги забранија ароматизираните електронски цигари

Њујорк е првата сојузна американска држава која забрани продажба на ароматизирани електронски цигари, по речиси 400 случаи на сериозни болести поврзани со консумација на овие производи. Единствените вкусови кои што ќе можат да се купат ќе бидат тутун и ментол, јави Си-ен-ен.

Службата за јавно здравје во Њујорк ја одобри забраната по препорака на гувернерот Ендрју Куома.

„Не може да се одрече дека компаниите намерно користат вкусови на гуми за џвакање и шеќерна волна за да ги придобијат младите луѓе да користат електронски цигари“, рекол тој. „Ова е криза на јавното здравје и денеска ѝ доаѓа крајот“, додал Куома.

Забраната стапува веднаш на сила, а ќе трае 90 дена и ќе биде потребно нејзино обновување.

Сојузната држава Мичиген, исто така, одобри забрана на продажба на е-цигари со вкусови, но мерката сè уште официјално не е стапена во сила.

Забраната во Мичиген, исто така, опфаќа опишување на овие производи како чисти, безбедни, безопасни и здрави како и нивно рекламирање во близина на продавници за слатки, храна и за безалкохолни пијалоци.

Американските центри за контрола на болести и превенција активираа итни мерки по растечкиот број на пациенти со болести на белите дробови, за кои се виновни електронските цигари. Претходно и американскиот претседател, Доналд Трамп, препорача државите да ја забранат употребата на ароматизираните е-цигари.

Ширум САД има речиси 400 потврдени и сомнителни случаи на болести поврзани со консумацијата на е-цигари, вклучувајќи најмалку шест смртни случаи.

Електронските цигари се продаваат како побезбедна опција за обичните цигари. Американските санитарни служби го предупредија најголемиот производител на е-цигари „ЈУУЛ“ да не ги употребува овие тврдења затоа што не се докажани.

По информациите за заболени и смртни случаи поврзани со консумација на е-цигари во САД, вчера Индија забрани продажба на овие производи.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата