Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес се сретна со поранешни министри и пратеници од Данска кои се во посета на Република Северна Македонија.

„На средбата вицепремиерот Османи и данските претставници разговараа за актуелната состојба на земјава во однос на евроинтегративниот процес, при што Османи реферираше за досега постигнатиот успех, а ги запозна и со текот на подготовките на преговарачката структура во земјава, во пресрет на големата октомвриска одлика за старт на преговорите за членство во ЕУ“, соопштија од кабинетот на Османи.

„Поддршката која ја добиваме овие денови од европските челници и претставници од европските земји членки е од огромно значење не само за мене како вицепремиер за европски прашања, туку и за целата Влада, со оглед на тоа што се оддава признание дека навистина сме успеале во спроведувањето на европските реформи“, истакнал Османи.

Тој посочил дека во очекување на, како што рекол, големата октомвриска одлука, продолжува со посета на европските метрополи со цел да ги убеди и најголемите скептици дека Северна Македонија е подготвена за старт на преговорите со Унијата.

Претставниците од Данска ги поздравиле спроведените реформи во земјава за членство во ЕУ и НАТО, при што потенцирале дека новата данска Влада, како и претходната, високо ги цени достигнувањата на земјава во реформите, како и склучените билатерални договори со соседите. Тие се обврзале да ги пренесат впечатоците од нивната посета на земјава, за напредокот, за подготвеноста и за поддршката која тие ја даваат за старт на преговорите со ЕУ во октомври оваа година.

извор: Makfax

0

Најчитани вести