Улични библиотеки на три локации во Скопје

13.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Улични библиотеки на три локации во Скопје

ЈУ Детски културен центар „Карпош“ и Град Скопје денес на три локации поставија улични библиотеки. Локациите на кои се поставија библиотеките се дворот на Детскиот културен центар „Карпош“, Градскиот парк и Ибни Пајко парк. Идејното решение за дизајнот на библиотеките е на Македонка Тошевски.

Директорката Билјана Лалчевска Серафимовска изјави дека уличните библиотеки се прекрасен дом за книги и се достапни за секого. Луѓето може едноставно да земат книга и кога ќе ја прочитаат, може да ја вратат или да им ја подарат на пријателите. Доколку имате книги што мислите дека другите би уживале во нивната содржина, можете да ги оставите во која било улична библиотека на посочените локации.

Целта на библиотеките е да се направат книгите достапни за сите. Тие се симбол на доверба и надеж – мала предност на книжевната среќа. Книгите се бесплатни за позајмување и може да бидат вратени или разменети за друга книга. Урбаниот дизајн ќе го привлече вниманието на секој страстен читател. Уличните библиотеки се прозорец во умот на општеството бидејќи книгите се оставаат и земаат, никој не треба да ги проверува дали се тука или не. Да ја разбудиме свеста за книгата како најдобар другар, која не води низ животот, порачуваат директорката, вработените и сите деца членови на Детскиот културен центар „Карпош“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата