Манчевски: Северна Македонија нуди поволни услови за влез на трет мобилен оператор

10.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Манчевски: Северна Македонија нуди поволни услови за влез на трет мобилен оператор

Северна Македонија нуди поволни услови за влез на трет мобилен оператор, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој во рамки на ITU Телеком, се обрати на тркалезна маса на тема: „Инвестирање во дигитална иднина во правец на гигабит-инфраструктура и општество“.

Настанот на едно место ги собра дел од заинтересираните оператори од повеќе земји од Европа кои имаа можност да ги слушнат условите за инвестирање во Северна Македонија.

Манчевски го претстави и пазарот во контекст на можностите за инвестирање на нов мобилен оператор. Тој заклучи дека ситуацијата упатува на тоа дека сè уште има неискористени делови од пазарот кои може да ги пополни дополнителен мобилен оператор.

„98,69 отсто од населението и на 75 проценти има сигнал 4G. Вкупниот број на активни претплатници на мобилни услуги изнесува 95 проценти (на припејд 46% , на постпејд 54%), бројот на претплатници на мобилен интернет изнесува 65 проценти, додека, пак, бројот на активни M2M SIM-картички изнесува 207 990. Вкупните приходи на пазарот за мобилни услуги во 2018 година изнесуваа 139 милиони евра. Според Индексот на ГСМА за мобилна поврзаност на Северна Македонија за 2019 година, инфраструктурата за мобилна мрежа достигна 66,99; подготвеноста за потрошувачи достигна 73,89; достапност на цените на уреди и услуги достигна 73,78“, рече Манчевски.

Министерот информираше дека како резултат на реформите, директните странски инвестиции (ДСИ) значително се зголемиле во 2018 година, при што изнесуваат рекордни 735 милиони евра и опфаќаат 5,8 проценти од БДП на земјата. Рече дека ИКТ е најбрзорастечкиот сектор, со кумулативна стапка на раст од 47 проценти во изминативе 5 години, при што опфаќа 4 отсто од БДП во земјата. Секторот за ИКТ има вработено над 18 илјади висококвалификувани работници, а дури 257 компании за ИКТ беа основани во 2017 година.

„Северна Македонија одржува макроекономска стабилност со инфлација од 0,9 проценти, а истовремено стимулира економски раст и развој. Со неодамнешните економски реформи на Владата се поддржува развој на бизниси и се привлекуваат приватни инвестиции, со што на компаниите им се обезбедуваат услови подготвени да влезат, да се еднакво конкурентни, и ефeктивно да излезат од пазарот. Поради овие заложби, се пласиравме на 10. место за леснотија во водењето бизнис од вкупно 190 земји, според извештајот на Светска банка „Водење бизнис“ за 2019 година.

Покрај министерот Манчевски, на сесијата се обратија и Јарослав Пондер, раководител на кабинетот на УМТ за Европа, Н.Е. Дорина Чинари, заменик-министер во Министерството за инфраструктура и енергетика, Је Муинг Ру, виш специјалист за дигитален развој на Светска банка, По-вен Лиу, виш економист на сектор во Европската инвестициска банка, Акос Бона, директор за меѓународни работи во фондацијата Дигитална иднина, Енрике Медина Мало, главен службеник за политика во Телефоника С.А, Габор Короши, директор во Теленор Унгарија.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата