Бабовски: Земјоделците ги добија „зелените картици“, наточено е гориво од 14,5 милиони денари

23.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бабовски: Земјоделците ги добија „зелените картици“, наточено е гориво од 14,5 милиони денари

За помалку од еден месец земјоделците ги добија „зелените картици“, со што досега е наточено гориво во вредност од 14,5 милиони денари. Ова го изјави денеска директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски кој беше во посета на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Кавадарци, каде што ги подели картиците за “зелена нафта” на земјоделците од овој регион.

Во Кавадарци вкупно се поделија 5.974 картици за зелена нафта, со вкупен износ од околу 15 милиони денари.

„Овие картици поделени во Кавадарци се еден добар износ на средства кој ќе дојде кај земјоделците, и кога се очекува да почне бербата на грозјето за земјоделската механизација оваа сума ќе биде добредојдена за земјоделците. Со оваа мерка директно влијаеме врз намалување на трошоците во земјоделството и го правиме поисплатливо. Денеска во Кавадарци сме на крајот на процесот на доставување на изработени картици, и тоа се случува за многу краток рок за 20-тина дена. Голем дел од земјоделците во земјава веќе ги користат зелените картици. Според последните информации од економскиот оператор за само 20-тина дена веќе се искористени 14,5 милиони денари односно за толкава сума е наточено гориво“, изјави директорот на Платежната агенција, Бабовски.

Со денешното доделување на картици финишира целиот процес на достава на картиците за субвенционирано гориво за земјоделска механизација до земјоделците. Од министерството информираат дека иако рокот бил 60 дена, целата процедура се завршила порано за скоро еден месец. Досега се поделени 50.465 картици со вкупна вредност од 128 милиони денари. Во следниот период ќе се доделат и картиците на преостанатите земјоделци кои треба да ги подмират обврските кон државата.

Мерката за субвенционирана нафта, за прв пат се воведува од оваа година со цел да се олесни производството на земјоделците. Оваа мерка се очекува да придонесе за значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток државата најави дека ќе покрива 30 отсто од трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво за механизацијата, со можност овој процент во следните години да расте и до 50 отсто.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата