Одбраната бара прекин на „Титаник“ до разјаснување на ситуацијата со Јанева

23.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Одбраната бара прекин на „Титаник“ до разјаснување на ситуацијата со Јанева

Прекин на пастапката до разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, побара на денешното рочиште одбраната на обвинетите за изборни нерегуларности во случајот „Титаник“.

Претседателот на судечкиот совет Осман Шабани, даде половина час пауза, по што Судот ќе се произнесе по барањето.

Пред почетокот на рочиштето, адвокатот Димитар Дангов побара прекин на главната расправа поради, како што рече, одредениот притвор на Јанева за предметот „Рекет“.

-Според Законот за СЈО, Катица Јанева преку својството кое го има е единствено надлежна да го застапува секој, па и овој предмет. Од наведените причини мора да кажам дека обвинителката Лиле Стефанова нема право да го застапува овој предмет. Конечно Стефанова не може да има повеќе право на застапување од правото што Јанева го нема во овој момент. Предлагам главната расправа да се прекине, изјави Дангов.

Обвинетиот Илија Димовски на судот му посочи дека согласно случувањата, може да смета дека постапката за разгледување на работата на СЈО е започната.

-Предлагам судот да донесе решение до завршување на постапката на Советот на јавни обвинители и Собранието, и доколку одлуките бидат негативни по Катица Јанева, судот да ја прекине расправата, изјави Димовски.

Предлагам, посочи Димовски, овој предмет во интерес на сите во постапката да ја почека разврската.

Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова од СЈО.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се изведени околу 4.700 од вкупно 5.900 материјални докази предложени од СЈО. (МИА)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата