Чадиковски стана дел од тимот „Аџибадем Систина“ каде ќе се прават срцеви интервенции кај деца

22.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Чадиковски стана дел од тимот „Аџибадем Систина“ каде ќе се прават срцеви интервенции кај деца

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ денеска соопшто дека специјалистот по детска хирургија и супспецијалист по детска кардиохирургија д-р Владимир Чадиковски станува дел од тимот на оваа болница.

-Со потпишувањето на договорот со д-р Чадиковски и благодарение на неговата експертиза, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се создадени услови за изведување на сите видови срцеви интервенции кај деца, велат од Аџибадем Систина.

По потпишувањето на договорот на единствениот лиценциран кардиохирург за деца во земјава, д-р Владимир Чадиковски, од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ очекуваат соодветна институционална поддршка од здравствените власти.

Чадиковски на 8 август и официјално го достави отказот и спогодбено го раскинал договорот со приватната болница на Жан Митрев. Во исто време уште двајца анестезиолози од тимот на Чадиковски си заминуваат од болницата, а по нив најверојатно ќе следи заминување и на другите членови на тимот кои од Клиниката за детска хирургија, преку прокетот за јавно приватно партнерство преминаа во болницата на Жан Митрев.

Од Клиниката Жан Митрев пак, соопштија дека без разлика на заминувањето на Чадиковски, моделот за детска кардиохирургија во рамки на Клиниката се одвива без застој, при што посочуваат дека од потпишувањето на првиот договор со Фондот за здравствено осигурување за кардиоваскуларна хирургија пред дваесетина години во континуитет се изведуваат сите видови кардиоваскуларни операции. Досега се третирани над 1.000 вродени срцеви маани кај возрасни и кај деца и бебиња.

Посочуваат дека прават планови за оперативен третман за уште 20-тина деца во наредните неколку недели.

– Соработката со Министерството за здравство продолжува и понатаму. Нашата посветеност кон моделот останува наша главна мотивација, стои во соопштението.

И министерот Венко Филипче потврди дека и покрај заминувањето на тимот предводен од д-р Владимир Чадиковски од Клиниката „Жан Митрев“, третманот на децата во оваа клиничка болница  ќе продолжи.

Во Лекарската комора потврдија дека само Чадиковски има лиценца за детска кардиохирургија.

„Лекарската комора има издадено 3 типа на лиценци: Едната лиценца е кардиоторакална хирургија како што ја има доктор Салис Таџер, 5 се од областа на кардиохирургија, 11 за кардиоваскуларна хирургија меѓу кои е и лиценцата на доктор Жан Митрев и една лиценца е за детска кардиохирургија со која се здобил доктор Владимир Чадиковски“, изјави за НОВА, доктор Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора на РСМ.

Како што веќе објави НОВА не постоел ниту договор за јавно приватно партнерство меѓу Министерството за здравство и специјалната болница за кардиохирургија „Филип Втори“ иако здравствените власти проектот спектакуларно на прес-конференција го најавија во Влада во декември минатата година, а всушност целиот проект се одвивал без официјален документ.

Во меѓувреме, Антикорупциска комисија отвори предмет за случајот со болницата за кардиохирургија на Жан Митрев каде отказ си даде доктор Владимир Чадиковски, единствениот леценциран детски кардиохирург во државата.  Предметот е отворен  по допрен глас, односно по пишување во медиумите. Антикорупцинерите ќе собираат документација од сите инволвирани институции за да се види дали се постапува според законската регулатива.

Како што рече Биљана Ивановска, претседателка на Антикорупциска, ќе се испитува дали било законски болницата на Жан Митрев да добие лиценца(се мисли на дозвола за дејност) за детска кардиохирургија и дали има законски основ таа да остане по оставката на доктор Чадиковски које е единствен лиценциран лекар за детска кардихиругија во државата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата