Јанушев: Владата е слепа и глува на сите скандали, криминали и корупција, ВМРО-ДПМНЕ најавува демократско делување (ВИДЕО)

18.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јанушев: Владата е слепа и глува на сите скандали, криминали и корупција, ВМРО-ДПМНЕ најавува демократско делување (ВИДЕО)

Како реакција на аферата „Рекет“, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ниту еден начин на делување не се исклучува, меѓу кои и протести и блокади. Партијата ги немаше снимките додека не ги објави италијанскиот весник, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Јанушев, аферата „Рекет“ е во полн ек. Најмногу избувна по објавувањето на снимките во електронското издание на италијанскиот весник „Ла верита“. Како ВМРО-ДПМНЕ ќе преземете ли некакви конкретни чекори од типот да поднесете гласање на доверба на Владата во Собранието?

ВМРО-ДПМНЕ во целиот овој изминат период предупредуваше, објавуваше низа на скандали и афери, криминали, коруптивни случаи, меѓутоа Владата гледаме дека останува слепа и глува на нашите барања. Од друга страна видовме дека пред повеќе од месец дека како Катица Јанева си поднесува оставка, меѓутоа продолжува во вршењето на својата функција. Знаете дека во овој период, особено во месец август дека Собранието е на одмор.

Од кога ќе се врати, дали имате таква идеја?

Ниту една идеја не е исклучена. Ниту еден начин на делување не е исклучен, нормално во рамките на демократското однесување и демократските принципи и вредности, меѓутоа буквално ниту еден начин на делување после сето ова што го видовме, начинот на кој што е злоупотребувано или можеби подобро кажано употребено СЈО, а де факто дека воопшто не се сомневаме дека биле способни самите тоа да го и организираат и исценираат, меѓутоа и извршат без притоа да бидат вклучени највисоките ешалони на власта, што всушност и го видовме во дел од снимените материјали.

Што подразбирате под „ниеден начин на делување не е исклучен“?

Ниеден начин на делување, мислам на демонстрации, протести, протестни маршови, можеби блокирање на улици, блокирање на Парламентот, блокирање на институциите, значи буквално секој оној демократски начин на делување во моментов не се исклучува. Секако дека највисоките тела и органи на партијата, тука пред сè мислам на извршниот и на централниот комитет во следниот период ќе заседаваат и ќе одлучиме кој е најдобриот начин на делување за конечно симнување што е можно побрзо на оваа криминално-рекетарска влада.

Имате ли контакти со новинарот на италијанскиот весник Ларис Гајсер кој ги објавува снимките за „Рекет“?

Не, немаме контакти, меѓутоа и воопшто не разбирам зошто е и битно тоа прашање кое многу во изминатиов период се покрена во јасноста, бидејќи на некој начин се обидуваме да се правиме глуви при уши и слепи при очи, бидејќи видовме, гледаме, има најава и за дополнително објавување на снимки. Се надевам дека ќе имаме прилика да видиме точно за што станува збор.

Во моментот воопшто не е битно кој со кого комуницирал, кој на кого ги дал, од каде се снимките и слично, меѓутоа ќе потврдам уште еднаш лично – не, немаме контакт.

Целото интервју можете да го погледнете на Радио Слободба Европа или ТУКА.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата