Агенција за филм: Жешко лето за македонската кинематографија со изгледи за „Оскар“

16.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Агенција за филм: Жешко лето за македонската кинематографија со изгледи за „Оскар“

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ги сублимираше успесите и континуитетот на продукција во домашната кинематографија.

Врз основа на тој сублимат од таму со задоволство констатираат дека на македонскиот филм конечно му се „заканува“ и „Оскар“.

Од Агенцијата посочуваат дека доколку се следат промоцијата и реакциите за документарниот филм „Медена земја“ во САД, може да се каже дека годинава македонски филм се доближува до најпрестижната филмска награда.

„Освен бројните награди, видливоста на престижните филмски фестивали, полнење на светски киносали со дел од најновите наслови од домашната продукција, објавите и филмските критики за истите во првиот дел од годинава, летово камерите останаа вклучени за снимање на повеќе долгометражни играни филмови“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека изминативе три месеци започнало снимањето на неколку македонски филмови – „Стела“, дебитанскиот филм на Стојан Вујичиќ, новиот долгометражен игран филм на Вардан Тозија со наслов „М“, како и долгометражниот игран филм „Најтешкото нешто“, кој е прв македонски филм што ќе биде сниман на турски јазик во режија на познатиот турски режисер, Сердар Акар.

Во тек е снимањето и на играната серија за деца „Зоки Поки“, адаптирана по истоимената книга на писателката Оливера Николова.

Од Агенцијата за филм соопштуваат дека кон крајот на месецов најавено е снимањето и на дебитантскиот филм на Кристијан Ристевски „Снежана на крајот умира“, а во тек се и интензивни подготовки за првиот долгометражен игран филм на македонската млада авторка Дина Дума со наслов „Сестра“ за кој е најавено снимање во текот на септември.

„По големите успеси што македонската кинематографија ги имаше годинава навистина е големо очекувањето од сите идни проекти кои ќе се произведат, бидејќи навистина се наметна еден критериум кој мораме да се трудиме да го следиме или барем да се приближиме со цел одржување на континуирано учество на филмовите на меѓународни фестивали, освојување награди, како и успешно интернационално претставување на нашата земја“, стои во соопштението.

Агенцијата за филм исто така најавува дека македонски филмови и копродукции ќе се прикажат на претстојните филмски фестивали во Сараево и Венеција.

Во Сараево во главната програма во конкуренција за документарен филм ќе се прикаже „Медена земја“ во режија на Љубомир Стевафнов и Тамара Котевска, краткометражниот анимиран филм „Една“ во режија на Вук Митевски (кој е во копродукција со Белгија) ќе се прикаже во конкуренција за краткометражен филм, а малцинската копродукција „Отворена врата“ во режија на Флоренс Папас (копродукција меѓу Албанија, Италија, Косово, Северна Македонија) ќе се прикаже во конкуренција за долгометражен игран филм.

Покрај претставувањата на македонски филмови во главната програма на фестивалот, свои проекции ќе имаат и „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Митевска, малцинската копродукција „Полусестра“ на Дамјан Козоле (Словенија, Северна Македонија, Србија и Хрватска), како и краткометражниот филм на Елеонора Венинова „The Sign“ кој е дел од омнибусот SEE Factory што оваа година ја отвори програмата Director Fortnights во Кан.

Во Венеција на 31. август филмот „Петрунија“ ќе има своја проекција во трката за наградата ЛУКС, која ја доделува европскиот парламент (LUX FILM PRIZE COMPETITION).

На филмскиот фестивал во Венеција свое претставување ќе има и краткометражниот игран филм „Извидник“ на Андреј Цветков како дел од програмата Giornate Degli Autori.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата