НАСА на Исланд се подготвува за мисија на Марс

15.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
НАСА на Исланд се подготвува за мисија на Марс

Со цел да се подготви за својата идна мисија на Марс во 2020 година, НАСА „слета“ на Исланд, каде има намера да се увери дека нејзиниот нов вселенски ровер е подготвен за предвидената работа.

Со својот црн песок, ветровити дини и карпести врвови, подножјето на вториот најголем исландски глечер Лангјокул е совршена локација за симулирање на површината на Црвената планета.

Петнаесет научници и инженери од НАСА таму ќе поминат три недели со цел да го усовршат прототип-роботот што треба да ја продолжи работата на роверот „Кјуриозити“ што го истражува Марс од 2012 година.

Експертите велат дека Исланд, вулкански остров среде северниот Атлантик, на многу начини потсетува на четвртата планета од Сонцето.

„Исланд е многу добра аналогија за истражување на Марс и за студирање на карактеристиките на роверот“, вели Адам Деслаурие, вработен во канадска компанија платена од НАСА за тестирање на прототипот на новиот ровер.

Прототипот е мало електрично возило со четири тркала, два мотора и 12 акумулатори за мали автомобили.

„Тој ровер е во основа неуништлив“, вели Деслаурие.

„Нашите ровери наменети за Месечината и Марс, всушност, ќе имаат повеќе проблеми во Исланд, бидејќи, на пример, тие се целосно неподготвени за дожд“, додава тој.

Возилото е опремено со сензори, компјутер и камери, а тежи околу 570 килограми и се движи со брзина од 20 сантиметри во секунда.

Возилото мора да биде толку бавно за да може правилно да собира податоци и да ги испраќа на Земјата, објаснуваат експертите.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата