Само неколку минути по објавувањето на изјавата на премиерот Зоран Заев, кој коментирајќи ја аферата „Рекет“, рече дека нема да дозволи некој да го инволвира него, ниту пак, „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да ја срушат Владата, социјалните мрежи се преплавија со реакции.

„Што му е на премиерот?“, „Ќе следуваат ли сега извинувања до небо?“, „Ќе му прости ли ЛГБТ заедницата на Заев?“, се само дел од реакциите на социјалните мрежи.

Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на својот Фејсбук профил напиша дека „се што се правело досега било тешка демагогија“.

„Гнасно по многу основи! Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување! Тешка демагогија било се што се збореше и правеше претходно! НЕ Зоран Заев, ЛГБТИ заедницата нема да ти прости!“, напиша таа.

И програмската координаторка на Хелсиншкиот комитет, Билјана Гинова, напиша:

„Нема да дозволам хомофоб да ни ја води (доуништи) државата, нека ми извинат политичарите“.

Луми Бекири, активист за човекови права, вели дека зборот „педер“ се смета за навредлив и политички некоректен пејоративен израз за да се означи геј популацијата и дека Комисијата за заштита од дискриминација треба да поведе постапка.

„Тој израз особено не смее да се користи од луѓе на моќ, а и не се користел од ниеден политичар до сега при јавен настап во Македонија, дури ни од оние најхомобичните и најнеписмените – ко поранешниот премиер Груевски. Првенствено, доколку со таквиот израз се мисли на лицето Бојан Јовановски, истиот никогаш се нема декларирано за својата сексуална определба јавно, па така премиерот веројатно знае од некои други извори за тоа па го опишува истиот на навредлив начин. Друго, и да е најдолното суштество на оваа планета, ниеден граѓанин не заслужува да биде нагрден со такви пејоративни епитети од страна на еден премиер, кој треба да е еднаков за сите. Се надевам дека ќе се покрене постапка во Комисијата за заштита од дискриминација за овој скандалозен случај, а случајот “Рекет” конечно ќе довие некаква разврска и правдата да победи“, напиша тој на својот профил на Фејсбук.

извор: Makfax

5

Најчитани вести