Антички Јура свет од вулкани пронајден под површината на Австралија

13.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Антички Јура свет од вулкани пронајден под површината на Австралија

Меѓународен тим истражувачи, вклучително и научници од австралискиот Универзитет на Аделаид и шкотскиот Универзитет во Абердин, откриле поле со 100 подземни вулкани од ерата „Јура“, скриени под површината на Земјата во централна Австралија, покажува студијата објавена во списанието „Гондвана рисрч“.

Басените Купер-Ероманга, кои се наоѓаат на североистокот од Јужна Австралија и југозападно од Квинсленд, веќе 60 години се поле за истражување и производство на нафта. Меѓутоа, античкиот подземен предел поминал незабележано кај експертите.

Користејќи ја напредната технологија за снимање подземни површини за да ги идентификуваат вулканските кратери, тековите на лавата и коморите за магма во басените Купер-Ероманга, тимот ги открил вулканите 180 милиони години откако тие се развиле, во периодот Јура. Вулканите потоа беа закопани под слоевите седиментна карпа.

Иако денес се неплоден пејзаж, басените Купер-Ероманга во времето на Јура имале кратери и пукнатини кои исфрлале врела пепел и лава и биле опкружени со речни канали што се развивале во езера.

„Додека поголемиот дел од вулканската активност на Земјата се случува на границите на тектонските плочи или под океаните на Земјата, овој антички свет од Јура се развил длабоко во внатрешноста на австралискиот континент“, вели вонредниот професор Симон Холфорд.

Според Холфорд, откритието нуди можност за повеќе неоткриени вулкански светови скриени под површината на Австралија.
Она што го прави тековното истражување особено интересно е што претпоставува поголема вулканска активност во Австралија за време на периодот Јура отколку што се веруваше порано. Новите откритија имаат потенцијал да го променат разбирањето на процесите што се одвивале во минатото на Земјата, заклучуваат научниците.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата