Овде и сега

Балкански круг од катран

7.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Балкански круг од катран

Еден од главните аргументи на дилемата која се поставува кога некој ќе ве запраша: Зошто треба да се изучува националната историја? – е содржан во одговорот кој вели: Оној кој не ја познава својата историја е осуден истата да ја повторува. Ова повторување, почитувани, на Балканот е толку често, што не е воопшто изненадувачки зошто народите кои егзистираат на Полуостровот, постојано страдаат од вертиго, анксиозност, константни главоболки и деменција, симптоми на кои класичната медицина не може да најде адекватна дијагноза, ниту пак лек. Во услови кога оваа сеопшта амнезија ги руши сите цивилизациски дострели и во еден повторен историски луп, редно е да се потсетиме како стоеа работите пред стотина години, на истава тематика.

Европската политичка сцена, започнувајќи од времето на Виенскиот конгрес од 1815 година, па сѐ до почетокот на Првата светска војна, беше предводена од европската пентархија составена од Велика Британија, Франција, Русија, Прусија и Австрија, која со Договорот со Унгарија резултирала со конституционалната унија меѓу австрискиот и унгарскиот дел (Ausgleich) од 1867 година.

Она што било карактеристично за европските велесили во текот на целиот XIX век - зачувувањето на начелата воспоставени на Виенскиот конгрес и брзиот развој на индустријализацијата, ја условило потребата од освојувањето на нови територијални пространства и довело до забрзано империјално проширување на африканскиот и на азискиот континент.

Од тие причини геостратешката поврзаност на Балканот со Африка и со Азија неминовно го привлекла интересот на Западна Европа. Во текот на целиот XIX век истиот имал видно влијание и врз односите со Османската империја, а се одразил и врз развојот на националните движења на Балканскиот полуостров. Во самиот процес на опаѓањето на Османската империја и во развојот на националните стремежи на балканските народи во текот на нивната револуционерна борба за формирање на сопствените национални држави, европските дворови ја гледале својата геостратешка полза од создавањето на сопствените сфери на интереси на Балканскиот полуостров.

Големите сили, ги преклопиле своите интереси на Балканскиот полуостров мотивирани од исклучителната стратешка поставеност на теренот во глобални размери. Особено Царска Русија и Велика Британија предничеле во натпреварот за освојување на териториите кои минувале низ Кина, северните погранични области на Индија, Авганистан, Персија и Османската империја. Од тие причини, создавањето на националните држави Грција и Бугарија на Балканот во XIX век претставува сложена и динамична ситуација која пред сѐ го носела предзнакот на оттргнувањето од империјалната османска контрола.

Можеме слободно да констатираме дека тивкото повеќе децениско „изумирање на болниот од Босфорот во текот на XIX и во првата деценија од XX век, од една страна значело нова геостратешка прераспределба на силите во Европа, а од друга страна го иницирало мошне динамичниот процес на дипломатската машинерија во процесот на решавањето на Источното прашање кое ќе ја окупира европската политичка сцена сѐ до предзорјето на Првата светска војна во 1914 година.

Евидентно е дека сѐ до Балканските војни од 1912 и 1913 година, центарот во Софија своето внимание ќе го насочи кон организирање на македонското население под бугарска диригенција, кон покренување на борба за автономија на Македонија, следејќи го својот пример со успешноста на востанието преку кое ги спои двата дела, т.е. ја припои Источна Румелија кон Кнежеството Бугарија.

Во целиот процес на оваа политика свое учество имале и бугарските политички партии. Во своите партиски програми тие ја вградуваат идејата за припојување на Македонија, а преку своите партиски претставници многу често биле дел од акциите кои се преземале со цел да се реализира така замислената идеја. На геополитички план бугарската стратегија ги опфаќала и двете Тракии - и Источна и Егејска, кои за Бугарија значеле сигурен излез на Егејско Море и добра релација кон излезот на Црно море.

Плановите досегале дури и до можноста за излез и на Мраморно Море, а на економски план особено се тежнеело кон Мидија на Црно Море, па сѐ до устието на реката Места. За Грција е карактеристично тоа што во текот на своето државно-правно конструирање таа претставувала протекторат на Велика Британија, Франција и Русија. Она што ја одбележува нејзината борба за независност е романтичниот национализам и идејата за возобновувањето на големата Византиска Империја со силен хеленски печат.

По нејзиното осамостојување, таа своите цели исто така ги насочила кон територијата на етничка Македонија и претензиите кон оваа територија ги докажувала како сосема легитимни и оправдани. Ставот на грчката влада бил дека Големите сили воделе грижа исклучително само за словенските народи на Балканот и изјавувала дека нема воопшто никаква намера да соработува со Словените во поделбата на османската држава.

Поради тоа Грција водела двојна политика - од една страна преку додворувањето пред Цариград ја чувала својата резервираност кон Русија, пред Османлиите претставувајќи ја како словенофилска и антигрчка, а од друга страна барала од Царска Русија во случај на нејзина идна победа над Портата во Цариград, да ѝ бидат доделени Епир, Тесалија и цела етничка Македонија. Не е непознато дека и Грција и Бугарија уште од самиот почеток на нивното државно формирање како главна тенденција во нивната надворешна политика ја имале територијата на Македонија.

Политиката на овие две држави била насочена кон систематското докажување дека на географската територија на Македонија живее грчко и бугарско население кое се стреми кон соединување со нивните матици, т.е. кон Кралството Грција и кон Царството Бугарија.

Затоа секоја од овие две балкански држави одделно ја исцртувала стратегијата пред Европа да го докажуваат грчкото и бугарското население, кое обесправено чмае под турското иго.

Инструментите што се користеле за постигнување на целта биле различни, од влијанието на грчкиот и бугарскиот национален дух преку користење на црковно-училишните општини на Патријаршијата и на Егзархијата, преку воените интервенции и провокациите на територијата на етничка Македонија, преку ангажманот на државните финансиски институции на двете држави, како и преку користењето на многу други политички и дипломатски средства кои довеле до резултат кој станал крајно неповолен за македонскиот народ и за прашањето за создавање на македонската држава, а кој резултираше со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, кога територијата на етничка Македонија беше поделена од страна на големите европски сили и им беше разделена на Грција, Србија и Бугарија.

Со почетокот на војната, во летото 1914 година, на сѐуште ранливот балкански терен се интензивирале противречностите помеѓу балканските држави. Србија под притисок на Австро-Унгарија се приклонила кон руската заштита, додека Бугарија и Османската Империја своите компензации од претходните територијални губитоци ги пронашле во блокот на Централните сили.

Во оваа смисла особено потфрлила руската дипломатија која нудејќи им сѐ на сите, на крајот не ја стекнала довербата од страна на балканските држави. Во врска со промените на Балканот кои настанале како резултат на Првата светска војна најпогодена во територијална смисла била Бугарија, чиишто амбиции за создавање на хегемонија со излез на Егејско Море, Јужна Добруџа и Македонија, со поразот од војната биле сериозно поткопани.

Овој амбициозен план, кој својата генеза ја носел уште од времето на креирањето на прелиминарниот Санстефански договор од 1878 година, во Бугарија бил доживен како најголема национална катастрофа и оттаму сите надежи на бугарската надворешна политика во периодот меѓу двете светски војни ќе бидат насочени кон подобрување на можностите кои би довеле до ревизија на Нејскиот мировен договор од 1919 година. Наспроти поразената Бугарија, во 1918 година се создало новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Поаѓајќи од државниот интерес за зачувување на државните граници, неговата политика се насочила кон соработка со соседните балканските држави, не губејќи го предвид постојаниот притисок од страна на италијанскиот иредентизам на Јадранот, како и бугарскиот ревизионизам од исток.

Грција под цврстата дипломатска палка на Венизелос на крајот од војната стигнала блиску до остварувањето на нејзините големодржавнички тежненија. Самиот акт на потпишувањето на париските мировни договори на Версајската конференција од 1919 година за Балканските прилики неоспорно имал две значења.

 Првото било содржано во констатацијата дека со нив се извршила поделбата на османското и на австроунгарското наследство на Балканскиот Полуостров. Второто значење се состоело во фактот дека со Париските мировни договори, покрај другите одлуки, била извршена ревизија на Букурешкиот мировен договор од 1913 година и со нивните решенија биле зацементирани на долг рок територијалните придобивки на балканските држави, помеѓу другото на сметка и на создавањето на македонската држава.

(продолжува)

Иванка Василевска, Универзитетски професор (7 август 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата