Понеделнички

Шема за гоблени

4.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Шема за гоблени

Го чекавме обележувањето на илинденската Република не само како историски настан, туку и како нова епизода во ријалити шоу кое владата на Заев го тера трета година. Се знае дека на секој настан агитпроп екипата на СДСМ ќе уплеска.

Прво, владата уплеска со тоа што го промаши денот, објави дека славиме ден на Републиката иако не е така. Ден на Републиката е осамостојувањето на Македонија, и затоа се слави на осми септември. Патем, во сите флаери, постери, банери, изјави... за Илиднен Заев и неговиот агитпроп, кој во оваа прилика го сработи и настапот на Пендаровски пред својот персонал, на народот му честиташе ден на некоја анонимна република со нападно изоставување на зборот Македонија па ние не знаевме што, навистина, прославуваме и чија тоа државност обележуваме.

Пендаровски, со страв од појавување пред народот, ни се обрати од скалите на својот дом. Околу него беа и ликовите од Рекет, само Боки 13 им фалеше.  

Последиците од авантурата на Заев да купи власт и ќари тендери во компензација со продавање на државноста, уставноста и националниот идентитет се видливи на секој чекор. Што ќе ти се премиер и претседател кои не смеат ни името на сопствениот народ да го изговорат, ни пред дипломати, ни пред свои граѓани а особено не на јавни прослави. Нивното владеење во таков амбиент станува мачно за нив, а одбивно и понижувачко за сите нас.

Во ниту една држава тоа заложништво на премиерот и претседателот да се оградуваат од сопствен народ и национален идентитет, а да владеат со нив, не би поминало. Освен кај нас. И колку и да се трудам не можам да разберам зошто тоа го поднесуваат и голтаат гласачите на СДСМ?

Разбирам и последици од испран мозок од агитпроп машината на СДСМ која со државно платена пропаганда спроведува партиска мантра дека, каков и да е Заев, важно е да не се варти Груевски на власт. Иако загубивме национален идентитет, загубивме унитарност, станавме двојазични и федерални, иако бројките кажуваат дека со ДУИ крадат најмалку пола милијарда евра годишно... Ако рекетираат, нека дигаат даноци и нека ја бришат нацијата од сопствената историја... важно е Груевски да не се врати на власт. Таа мантра му дава на Заев право да им прави што сака.

Она што се слушало од телефонските разговори на вмровците, ако им е тоа изговор за вакво владеење, е сенка на ова што го гледаме пред свои очи што навистина, во живо, ни се случува од СДСМ. Никаде во тие телефонски разговори нема да најдете дека власта на Груевски рекетирала фирми, на пример. Никаде. Дека качувале даноци за да се зголеми буџетот за 500 милиони евра годишно кои потоа ги нема никаде, ни во капитални инвестиции. Исчезнуваат пола милијарда годишно, пред наши очи. Парите ги снемува, а СДСМ останува.

И што е најтрагично, оваа власт овозможи Груевски денес да живее во Будимпешта, а за Груевски нема ниту еден процес кој го обвинува за рекет, корупција или проневера. Да, точен ти е заклучокот: СДСМ плански го одржува Груевски во јавност, во политички живот бидејќи немаат одговор за Мицковски и сопствената корупција.

Агитпропот може да пере мозоци, но не на сите, и не цело време. Бројот на поддржувачи на СДСМ постојано се намалува. Фрижидерите се празни, се помалку луѓе можат да платат годишен одмор, паѓа бројот на студенти, автомобили не се купуваат а работа нема. Плус кон тоа, нивните обвинители и судии не смеат ни да помислат да работат различно од потребите на Заев, ниту да гонат или судат функционери на СДСМ и ДУИ. Агитпропот го држи под контрола.

СДСМ кога и да биле на власт, со Бранко, со Бучковски или сега со Заев имаат тешки финансиски скандали, невработеност и проневера на државни пари. Секогаш, без исклучок. Агитпропот кога пере мозоци се обидува пациентите да заборават дека идната власт не е на Груевски, туку на Даскалот Мицковски. Колку што Заев има одговорност за црната транзиција или финансиската афера ТАТ од времето на Црвенковски, или пресудата за проневера на Бучковски... толку Мицковски има одговорност за политиката на Љубчо Георгиевски или Груевски. Напротив, Заев му е должен на Црвенковски што е денес на власт, пред се ако не беше амнестијата на Црвенковски за Глобал јасно е каде ќе беше денес Зоран Заев.

Лоботомијата и перењето мозоци од агитпроп машината на Заев не можат да го избришат она што секој што гледа може да го види: фактите. Според респективен извештај на специјализираната агенција fDi Markets и Фајнаншел тајмс кои следат гринфилд инвестиции низ светот во Македонија, од јуни 2018 до мај 2019 година има само 184 милиони долари нови инвестиции. Во Албанија, со сличен број на жители, се инвестирани 809 милиони долари... Лидер е Србија која во регинот држи дури 70 проценти од вкупните гринфилд СДИ инвестиции во износ од 6 милијради долари во 105 гринфилд инвестиции во период јуни 2018-мај 2019 година. И тука завршува полемиката за способноста на владата и колку ни е сигурна иднината под власт на Заев. Три пати помалку е сигурна од иднината на Албанија.

Македонија има власт која е создадена и се одржува само со пропаганда. А и таа е платена од државни пари. Се друго е пораз, корупција, сиромаштија и гола вода.

Фалат пола милијарди евра од буџетот, секоја година. И тоа е лесно докажливо: Во однос на владата на Груевски буџетот сега е поголем над половина милијарда евра, даноците за граѓаните се дуплирани, капиталните иневстиции ги нема, а дефицитот во буџетот се потрошил. Ако му дадете на некој што ви гради куќа 50.000 евра буџет за да ви ја изгради куќата и гледате дека буџетот се потрошил, а куќата е уште во темели, би прифатиле ли во таква прилика дека тоа е правилно? Е па, кога гласате за СДСМ вие прифаќате дека парите ги нема, ни парите ни инвестициите. Дали во таква прилика брцате во џеб да им дадете нови пари на мајсторите за градбата, или ги бркате и се трудите да ви ги вратат парите што ви ги украле.

Тоа е тоа.

Сега СДСМ имаат нов трик за испумпување пари од буџетот, а граѓаните ништо да не добијат од тоа. Измислија фондови за иновации и плаќање за разно-разни студии, истражувања, проекти... за се и сешто. Не е само владата, Шилегов е шампион во примена на тој модел за грабање јавни пари. Буџетот се празни, исплати фрчат на сите страни, агитпропот се храни и пропагандата е се посилна. Пропагандистите како братот на Сашо Орданоски ќе добијат 350.000 евра за плагијат проект кој никогаш не сме го виделе, сајтови за прење мозок како Сакам да кажам на пропагандистот Горан Михајловски преку сопругата ќе не закрпат за 250.000 евра... И се така, најмалку 10 милиони евра годишно за пропаганда. Им даваат на своите гласачи шема за гоблени, а нивно е да ќутат и везат. Да голтаат.

Следат нови трикови: договорени тужби од фирми кои државата или општината ги губи на суд, а ќарот се дели. Ќе ги видите ФЕНИ и Пуцко Петрол во Карпош со ова. Случајот Рекет не го ни спомнувам. Колку и да се гледа од авион намера да се спасат Заев и Катица Јанева од одговорност, кога-тогаш суд ќе им суди за рекетите.

Да заокружиме. Проапагандата пукна како балон и за прославата на Илинден. Носеа со автобуси партиски луѓе пред бината за да нема скандирања против Заев, а на другите не им даваа ни да се доближат. Доволно му скандираа “никогаш северна“ 10.000 луѓе на плоштад во Скопје кога се славеше Вардар шампион. Ама, не издржа срце партиско па во Крушево неговите скандираа северна... без Македонија. А дојдени да слават прв белег на македонска државност. Владините пропагандисти Марјан Забрчанец и Петрит Срачини тврдеа дека ова не постои, но новинарот Александар Митовски им ја плесна видео снимката пред нос, и им ја затна устата.

Инаку, Забрчанец тукушто се промовира како нов шеф на партискиот комитет за пропаганда и цензор за “лажни вести“. Првата лажна вест ја видовме токму – од цензорот. Согласно нивните навики неокомунистите воведуваат јавна казна за вербален деликт. Шемата за гоблени на СДСМ го везе ликот на Берија, и на Сталин.

Тоа е кога имаш власт која загубила на избори. Победниците секогаш се дел од решението; Губитниците секогаш се дел од проблемот.

(05.08.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата