Во текот на овој месец СДСМ ќе донесе одлука за евентуални предвремени парламентарни избори, која нема да се темели на партиската желба туку ќе ги има предвид европските амбиции на земјата, изјави вечерва вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска.

- Пораката од ЕУ ни е јасна и ние се согласуваме дека Македонија нема време за губење, ама мора да ја превземеме обврската да размислуваме и на тоа дека Македонија уште повеќе време ќе изгуби ако опозицијата повторно ја бутне Македонија во неизвесност наречена неуспешни претседателски избори. Барањето за избори го дава за да има алиби за бојкот на претседателските избори. Тоа во изјавите на Мицкоски од последниве денови многу јасно се чита. Денеска 2-3 месеци пред изборите тие веќе зборуваат за фалсификат на изборите, вели Шекеринска во гостувањето на емисијата Топ Тема на ТВ Телма.

Според неа, со локалните избори Македонија покажа дека може да има фер избори, но тоа вели не ја спречува ВМРО-ДПМНЕ да игра на картата на сеење лаги и однапред создавање алиби за бегство од вториот круг на избори.

- Во текот на овој месец ние мора да ја донесеме таа одлука и тоа не е малку време. Факт е дека роковите за Пржинската влада се многу јасни. Секој пат кога се редовни избори Пржинската влада трае сто дена, секојпат кога изборите се предвремени, таа трае согласно Уставот и роковите во Изборниот закон 55 до 60 дена. Но, ако сакавме да тераме партиска политика досега веќе ќе имавме одлука за предвремени парламентарни избори, рече Шекеринска, која е потпретседател на СДСМ.

Запрашана дали имаат проблем со изборот на претседателски кандидат, со оглед дека најавија оти нивниот кандидат ќе го соопштат на партиски конгрес на 3 март, само десет дена пред последниот рок за предлагање на кандидати и 20-тина дена пред официјалниот почеток на кампањата за изборите за претседател, Шекеринска рече дека немаат таков проблем.

- Македонија нема претседателски систем како Америка па да тера кампања повеќе од една година. Кандидатите со кои ќе настапи СДСМ не се кандидати кои што ќе ги најдеме во архивите и преку ноќ ќе треба да им ги приближиме на граѓаните. Така што носиме одлука којашто е во согласност со законот, но пред се, донесовме одлука која не дозволи во најтешкиот и најчувствителниот период, наместо да се занимаваме со НАТО, со Македонија, со суштинските прашања, ние да се занимаваме со претседателски избори и со кадровски прашања. Убедена сум ако го направевме тоа јавноста ќе не критикуваше. Сакаме овој процес да биде важен, но не сакаме овој процес да загрози се она што и е важно на Македонија и успеавме, рече Шекеринска.

Во однос на можноста за консензуален кандидат со ДУИ, таа рече дека тоа ќе биде тема на разговор во владеачката коалиција, но и со помалите партии кои беа дел од нивната предизборна коалиција. Кажа дека нема да конкурира на партискиот оглас за претседателски кандидат бидејќи не верува во самокандидирање, но не исклучи целосно можност да биде кандидат.

– Сметам дека ова се теми на кои прво треба да дискутираме внатре во партијата, да донесеме вистински одлуки, а не за тоа прво да разговараме во јавност па потоа ехото од јавноста да го искористиме во јавноста… Немајте дилеми и по прашањето на избори, и по прашањето на кандидат, и по прашањето на одлуки во меѓувреме ќе водиме сметка да не ја загрозиме нашата заедничка цел. Тоа не го правевме изминативе две години тоа не го правиме ни сега. Покажавме таму каде што нема дилеми, каде нема никави отворени прашања, ние испорачуваме. И бидејќи така ќе влеземе сега и во овој процес, убедена сум дека ќе испорачаме добро решение и за претседателски избори, а што е најважно ќе испорачаме добро решение и за европските одлуки во јуни, рече Шекеринска која во јавноста се споменува како еден од можните кандидати на владеашката СДСМ за претседателски кандидат.

0

loading...
loading...

Најчитани вести