Шкендија елиминирана, Ибраими му удри глава на судијата!

30.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Шкендија елиминирана, Ибраими му удри глава на судијата!

Мизерната сезона на македонскиот клупски фудбал во Европа заврши со елиминација на македонскиот шампион Шкендија од луксембуршки Дуделанж, по денешното реми 1-1 (вкупни 2-3) во второто коло во шампионската група во квалификациите за Лига Европа, со што тетовци до крај го посрамотија македонскиот фудбал.

Фијаското и мачењето за македонските екипи завршува со историски најлош настап на европретставниците во последната деценија, а од десет меча на четирите екипи (четири меча играше Шкендија) забележан е ефект од само една победа и две ремија, како доволен доказ колкаво назадување има македонскиот фудбал само две години после историскиот настап на Вардар во групната фаза во Лига Европа.

Тетовци денеска повторно ја демонстрираа својата најслаба страна – реализацијата, ама и покажаа дека не знаат да губат, па мечот го завршија со три исклучувања.

Откако беше извесна елиминацијата, а на пет минути пред крајот поради два жолти картони останаа без Висар Муслиу, црвено-црните ја покажаа некултурата. При 1-1 кога Агим Ибраими од слободен удар даде гол, Дуделанж тргна во напад, следеше прекушок од зад грб на Валмир Нафиу, негово исклучување и бурна реакција на најискусниот Агим. Отиде толку далеку што на судијата му удри глава, па и тој си доби исклучување за срамот да биде комплетиран до крај.

Шкендија како и на првиот меч повторно имаше шанси со кои најмалку ќе беа во игра до финишот на мечот за да се борат за пресврт на сезоната и трето коло, но повторно гол од игра немаше, а овојпат ниту пенал за да тргнат по тоа што беа дојдени во Луксембург. Имаа фудбалерите во црвено-црно низа можности, Бесарт Ибраими погоди пречка уште во деветтата минута, па имаше уште една шанса во 20-та, па Агим Ибраими сам промаши цел гол откосо во 40-та, патем голманот Шнел двапати беше на висина на задачата спасувајќи чисти голови.

И за да заврши приказната се погрижи Делгадо на 12 минути пред крајот по еден корнер за да ја запечати елиминацијата на тетовци. Дуделанж повторно си одигра своја игра, а и тие како и тетовци, имаа свои шанси, една пречка, низа зицери за порано да го решат мечот, но до завршницата им оставаа надеж на македонските шампиони кога погодија и решија сѐ.

Во завршницата Шкендија успеа и со играч помалку да даде гол преку Агим Ибраими во 92-та минута, а потоа нервозните тетовци по исклучувањето на Валмир Нафиу, направија циркуз кој заврши со инцидентот на најискусниот – Ибраими.

Ќе остане запаметено дека во оваа сезона, во 360 минути игра, Шкендија даде едвај четири гола и ниту еден од игра – три од пенал и еден од прекин од слободен удар.

ИЗВОР: СПОРТ1.МК

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата