Има и други во власта инволвирани во Рекет: Геровски ги најави за во август

22.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Има и други во власта инволвирани во Рекет: Геровски ги најави за во август

До овој момент, немам информации дека Фрики и Кики, високи функционери во власта и во владејачката партија, одлучиле да преземат политичка одговорност за својата блискост со главниот актер на аферата за милионскиот рекет и да понудат соработка со јавниот обвинител. Ако го сториле тоа, нека ми простат за неинформираноста. Ако, пак, се оглушиле на мојот апел, ќе повторам – нивното одбивање да го сторат тоа објективно ја отежнува и ја забавува истрагата.

Наместо тоа, гледам, се покренува нова хајка против мене, со класични измислици и клевети (стари и нови), но и со обиди и од новинарско-етички аспект да се доведе во прашање мојот обид со серија написи да посведочам дека во Македонија е на дело страшен рекет, со инволвираност на СЈО, со злоупотреба на нелегално прислушувани материјали, како и со вмешаност на високи функционери од власта (не се само Кики и Фрики, има и други), а сето тоа во услови на една невидена новинарска омерта.

Не сум наивен. Бев свесен за тоа дека рекетарската банда и луѓето загрозени од акцијата на органите на прогонот еден ден ќе посакаат да ми се одмаздат. И дека во обидот да ми наштетат ќе се употреби сѐ што се има на располагање – стравот на некои мои колеги и лутината што останаа без убавите тезги, пизмата на некои ликови од парамедиумите и од социјалните мрежи, професионалната љубомора и лошите карактери на луѓе кои не можат да поднесат туѓ успех, но и мојата бескомпромисна индивидуалност поради која тешко склопувам непринципиелни коалиции и уште потешко се конформирам.

Од тој аспект, спремен сум на сѐ и спокоен сум. Зошто и не би бил? Никого не сум рекетирал. Никого не сум уценувал. Не сум крадел. Никому ништо не должам. Досега во животот ни кредит немам земено за ништо. Непоткуплив сум! Единствено нешто што ме „корумпира“ е другарството, лојалноста кон луѓето со кои „од иста вреќа сол сме јале“, човечноста. Го сметам тоа за доблест, иако често се испоставува дека е моја голема маана.

Како и да е, нема да дозволам да успее овој обид вниманието на јавноста да се оттргне од познатите и од скриените актери на милионскот „бомбашки“ рекет и да се насочи кон мене. Нема да учествувам во тој план за дефокусирање и за разводнување на скандалот и да придонесам јас да бидам централна тема. Иако ја разбирам тежината со која се соочуваат партијата на власт и особено нејзиниот лидер Зоран Заев.

Во моите досегашни написи и особено во претходната колумна, на Заев и на квалификуваните читатели им дадов јасни назнаки за тоа кои би можеле да бидат личностите што јас ги именував како Фрики и Кики. Искрено, после ова, не очекував во СДСМ да продолжат да глумат лудило. И да се надеваат дека јас, како последна будалетинка, со име и со презиме ќе ги именувам, за тие да покренат тужби, пропагандата на власта да се пушти во погон и да се постигне целта – наместо за рекетарската банда, да се „дебатира“ за мене.

Во ред, ако Заев не знае кои се Фрики и Кики, фацилитаторите на милионскиот рекет, ако СДСМ не сака да се „прочисти“ од ова страшно зло (како што вети во декларацијата), јас сум спремен да одам понатаму. Не, не, тоа „понатаму“ не е соопштување на имињата на Фрики и на Кики. Јас со нив завршив. Ги знаете сите, нема потреба да им давам можност да ме гњават со тужби. Не, другарки и другарчиња, сега ќе одиме на некст левел!

Што значи тоа?

Тоа значи дека ако во меѓувреме не се случи сериозна разврска, во август ќе ве забавувам со нова серија приказни, овој пат за заднината на милионскиот рекет. Белким не поверувавте дека онаа ботоксирана несреќа е главниот фраер во „бомбашкиот“ рекет, а не само беден извршител! Белким не помисливте дека поради една таква колосална будала се потресла целата влада и е активирана обвинителска артителија од највисок калибар. Белким не сте толку наивни за да се излажете дека поради тој рекетар е растурено целото СЈО, гордоста на Шарената револуција и најголемата американска политичка инвестиција во Македонија. И дека цената за тоа ќе ја плати само еден глупав аматер…

Ајде луѓе, мислете малку со главите! Ова не е ријалити шоу. „Бомбашкиот рекет“ е голем скандал, голема приказна. „Нуклеарна“ бомба. Од разврската на аферата зависи и опстанокот на оваа власт. Во моите нови приказни ќе се обидам да ви раскажам зошто. И секако, пак ќе користам измислени имиња. Дали тоа ќе бидат Каки, Заки, Трики, Раки, Шеки, Џеки, Жаки (лупам онака без врска) или и некои други ликови, ќе видиме. Колегите нека ја анализираат (без)вредноста на мојот езоповски јазик, а јас ќе ви раскажувам вистински приказни од кои косата на главите ќе ви се крене!

Но, пред тоа, од почит кон премиерот Заев и кон неговата смелост прв да го пријави рекетот уште во април, но и од почит кон СДСМ, партијата за чие доаѓање на власт има и еден мал промил мој личен придонес, во првите денови од август ќе очекувам да бидам повикан на пријателски разговор кај премиерот Заев (не знам како функционираат новите протоколи, па еве јавно се пријавувам за средба, а ќе се пријавам и во кабинетот). Не барам ништо од него, сакам само да му објаснам зошто е толку важно тој сам да ја разреши оваа криза, на единствениот можен начин – така како што Александар Велики го пресече Гордиевиот јазол (да украдеме и ние нешто од светската историја).

Всушност, оној што треба сега да оди на некст левел – ако може, ако умее, ако не е безнадежно заглавен на првото ниво, или со намера да го „исконтролира“ овој корупциски „Чернобил“ – оној што треба да го подигне влогот, е токму Заев. Како што често вели тој, сега е моментот да заигра „ол ин“.

Тоа е тоа, другарчиња. A man’s got to do what a man’s got to do!

Плусинфо.мк

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата