Димковски: Со санирањето на браната Слатино ќе се обезбеди вода за земјоделските површини

20.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Димковски: Со санирањето на браната Слатино ќе се обезбеди вода за земјоделските површини

Министерот за земјоделство, Трајан Димковски, заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар, и постојаниот претставник на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, ја посетија браната Слатино, која беше реконструирана во рамките на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите во 2015.

Како што инстакнуваат од ресорното министерство, оваа брана е од исклучително значење за општина Дебарца, за заштита од поплави и сега се изврши темелна санација на телото на браната како и на преливникот.

„Со реконструкцијата се постигна структурна стабилност на браната, отпорност на надојдени води, со што се намалува ризикот од поплавите. Од друга страна, санирањето на браната ќе овозможи навремена достапност на вода за наводнување на земјоделските површини. Вкупната вредност на проектот е над 1,1 милиони евра, обезбедени од Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите во 2015“, изјави министерот Димковски.

Евроамбасадорот Жбогар, истакна дека санирањето на браната Слатино е дел од кампањата „ЕУ за вас“ чија цел е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта на ЕУ на земјата.

„Оваа помош од ЕУ ги опфати приоритетните потреби и помогна во реконструкција на транспортната и водната инфраструктура во најзасегнатите области, во согласност со принципите на одржливост “да се изгради подобро”. Со оглед на големината на штетата направена на браната Слатино, со санирањето значително се намали потенцијалот за ризик од поплави и со тоа ќе се овозможи поддршка на системот за наводнување“, кажа евроамбасадорот.

Со Програмата на УНДП се опфатени две компоненти, транспортна и водостопанска, појаснуваат од министерството. Изградени и санирани се мостови, свлечишта и локални патишта, додека со водостопанската компонента беше опфатена санација на пет брани, и тоа браните Мавровица во Свети Николе, Браната Липа, неготинско, Браната на Дренска река кај Демир Капија, Браната Слатино, општина Дебарца, и браната кај Прилеп.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата