Постапка против разбојникот кој со пиштол упадна во сендвичарница „Вили“

19.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Постапка против разбојникот кој со пиштол упадна во сендвичарница „Вили“

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против лицето кое на 17 јули извршило разбојништво во сендвичарница „Вили“ во центарот на Скопје, при што со употреба на сила и закана со пиштол нападнал две работнички во сендвичарницата.

Како што информираат од Обвинителството, осомничениот откако дошол во задниот дел на објектот, се доближил до вработените и им се заканил со пиштол барајќи да му ги дадат парите од прометот.

Една од вработените успеала да влезе и да се заклучи во сендвичарницата, по што осомничениот продолжил да се заканува на втората оштетена и ги одзел паричните средства кои во тој момент ги имала кај себе.

Откако не успеал да ја отвори вратата на објектот, осомничениот се оддалечил, испукал еден куршум од пиштолотот и се дал во бегство.

На овој начин, осомничениот извршил кривично дело – разбојништво, за кое надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка.

До Основниот кривичен суд доставен е предлог за определување на мерка притвор ценејќи дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување за кривичното дело.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата