Многу руски гледачи се изненадени колку глумците на телевизиската серија на Ејџ-Би-Оу личат на стварните учесници во трагичните настани од 1986 година.

Серијата „Чернобил“ на телевизијата Ејџ-Би-Оу е пречекана со голем интерес во Русија и во другите постсоветски републики, каде предизвика бурни реакции. Луѓето внимателно ја гледаат секоја епизода и веднаш на социјалните мрежи расправаат за уметничката вредност, за балансот на митовите и за вистината и автентичноста на приказната од советската секојдневност.

Но, сите се сложуваат дека актерската екипа е добро избрана.

Валериј Легасов – Џаред Харис

Борис Прихотко/Sputnik; HBO

Хемичар, прв заменик на директорот на Институтот за нуклеарна енергија „Курчатов“. Веднаш по несреќата е испратен во Чернобил за да учествува во отстранувањето на последиците од хаваријата. Тој ја има донесено одлуката запалениот реактор за се посипа со смеса од бор и песок. Изврши самоубиство две години по трагедијата, оставајќи аудиоснимки од претходно непознати детали од истрагата и од операцијата за отстранување на последиците.

Људмила Игнатенко – Џеси Бакли

Getty Images; HBO

Жената на пожарникарот кој го има гасено пожарот. Била бремена, но сепак го посетила својот сопруг во московската болница каде бил префрлен и била покрај него во текот на последните денови од животот, не знаејќи дека тоа е опасно. Детето починало набргу по раѓањето. Људмила сè уште живее во Киев. Во меѓувреме има родено друго, здраво дете.

Интересно е што актерката Џеси Бакли неодамна ја играше аристократката Марија Болконскаја во екранизацијата на „Војна и мир“ на Би-Би-Си.

Василиј Игнатенко – Адам Нагајтис

Sputnik; HBO

Мажот на Људмила зел слободен ден на 26 април 1986 година. Планирале да одат на пикник во природа, но таа кобна ноќ бил повикан да гаси пожар во Чернобил и повеќе не се вратил дома. Људмила на погребот ги носела чевлите на мажа си зашто не можеле да му ги обујат на отечените нозе.

Борис Шчербина – Стелан Скарсгорд

Сергеј Гуњеев/Sputnik; HBO

Кога дошло до катастрофата во Чернобил Шчербина беше заменик-претседател на советската влада и во тоа својство беше испратен да учествува во отстранувањето на последиците од хаваријата. Тој ја организираше евакуацијата на луѓето од градот Припјат и многу други акции, од гаснење пожари до деконтаминација на теренот.

Шчербина во Втората светска војна раководеше со снабдувањето на армијата по железнички пат, а потоа направи крупен чекор во кариерата – поставен е за раководител на Комунистичката партија во Сибир, каде му е доверена изградбата на брани во Иркутск и Братск, изградба на цели градови во регионот и многу други задачи.

По Чернобил раководеше и со операцијата за отстранување на последиците од силниот земјотрес што ја погоди Ерменија во 1988 година. Почина во 1990 година.

Анатолиј Дјатлов – Пол Ритер

Игор Костин/Sputnik; HBO

Според официјалната истрага и одлуката на судот, заменикот на главниот инженер на Чернобилската нуклеарна електрана Анатолиј Дјатлов бил еден од виновниците за чернобилската трагедија, зашто правел тестирања кои не биле безбедни. Осуден е на десет години затвор, но потоа беше порано пуштен поради радијациски синдром и поради многубројните писма на борците за човекови права, меѓу кои беше и Андреј Сахаров. Дјатлов почина во 1995 година.

Виктор Брјуханов – Кон О'Нил

Игор Костин/Sputnik; HBO

Луѓето кои биле непосредни сведоци на хаваријата ја критикуваат серијата зашто Брјуханов во неа е прикажан само од еден агол, односно како што е речено „мекуш“. Вистинскиот Брјуханов не ги сфатил размерите на трагедијата. Тоа беше прва нуклеарна катастрофа во советската историја и никој не знаел што треба да се прави. Покрај тоа, Брјуханов очигледно се плашел да му ја соопшти на раководството вистинската состојба во врска со трагедијата зашто веднаш би можел да остане без работа.

Заедно со Дјатлов осуден е на десет години затвор. Сега живее во Киев.

Николај Фомин – Адријан Ролинс

Игор Костин/Sputnik; HBO

Според еден работник кој му бил подреден, главниот инженер Фомин воопшто не бил „крадец“ (како што е прикажан во серијата). Тој е исто така осуден на 10 години затвор, како и Дјатлов и Брјуханов. Во текот на истрагата држен е во истражен затвор, каде, како што пишуваат медиумите, се обидел да изврши самоубиство.

Тој е сè уште жив, но не се појавува во јавност. Медиумите често користат еден негов цитат: „Порано мислев дека машините се најважниот дел во работата на фабриката. Но, изгледа дека сепак луѓето се најважни. Ја потценив нивната вредност“.

Леонид Топунов – Роберт Емс

Архивска фотографија од документарниот филм „Последната смена“; HBO

Овој постар инженер за контрола на реакторот бил во командната соба кога првата експлозија го разниша објектот. Токму тој се спротивставил на продолжувањето на експериментите на Дјатлов зашто реакторот не бил подготвен. Обидувајќи се повторно да го вклучи протокот на вода во реакторот се изложил на смртоносна доза радијација и починал неколку недели по хаваријата во една московска болница.

Михаил Горбачов – Давид Денсик

AFP; HBO

Во руските медиуми најмногу критики се посветени на начинот на кој во серијата е прикажан Горбачов. Велат дека е прикажан еднострано и гротескно. Некои коментатори напишаа дека тој во серијата повеќе личи на Сталин, иако со него не може да се спореди (да потсетиме дека Чернобилската катастрофа се случи во периодот на „гласност“, односно на слобода на говорот и на перестројката што ја иницираше Горбачов).

Горбачов прв призна дека чернобилската трагедија е една од причините за распаѓањето на СССР. Тој на медиумите им рече да ја погледнат серијата и да го изнесат своето мислење, но засега никој не го сторил тоа.

Горбачов тврди дека не ја попречувал кариерата на чернобилскиот спасител Легасов.

Russia Beyond

Најчитани вести