БАРАЊЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО: Дивоградбите да се отстранат како диво месо

13.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
БАРАЊЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО: Дивоградбите да се отстранат како диво месо

Пренесувајќи ја пораката од уметниците на отворањето на годинашното издание на престижниот Фестивал „Охридско Лето“, режисерот Александар Поповски, цитираше дела, на како што го нарече „македонскиот Хомер“, Горан Стефановски. Правејќи паралела со сегашните случувања, Поповски констатира дека тие никогаш не ја губат актуелноста. Користејќи токму одломки од една од најзначајните драми на неодамна починатиот Стефановски, режисерот Поповски недвосмислено побара Охрид, државата и сите граѓани да отворат фронт кој жестоко ќе се спротивстави на уништувањето, не само на културното и на природното наследство.

(фотo: ohridnews.com)

„Значи, јас читам сега диво месо, а Вие слушајте диво градби“, режисерот Александар Поповски на отворањето на „Охридско Лето“

„Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а Вие слушајте диво градби. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти а раната да се изгори со жар“, рече Поповски.

И покровителот на „Охридско Лето“, претседателот Стево Пендаровски, пред да го прогласи Фестивалот за отворен, користејќи ја пораката која преку Поповски ја испратија уметниците, во своето обраќање отворено укаже дека е неопходно да се преземат итни и решителни чекори за спас на Охрид.

 

„Уметноста да нè инспирира на храбри потфати“, претседателот Стево Пендаровски на отворањето на „Охридско Лето“

„Како што го започнавме нашето патешествие, да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати. Да негуваме длабока почит и одговорност и за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го сочуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО“, истакна во своето обраќање Пендаровски.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата