(Видео) Заев во посета на археолошкиот локалитет Стоби: Должност ни е да го чуваме непроценливото археолошко богатство

12.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Заев во посета на археолошкиот локалитет Стоби: Должност ни е да го чуваме непроценливото археолошко богатство

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со  министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за културно наследство Елеонора Петрова, денеска, го посетија археолошкиот локалитет Стоби, каде што неодамна беше откриена ретка мермерна скулптура на Дионис, богот на виното, на плодноста и заштитник на театарот, претставен со пантер и винова лоза, која веројатно е изработена во 3 век.

Потенцирајќи дека и покрај сто години археолошки истражувања на локалитетот, Стоби сè уште не престанува да изненадува и воодушевува, премиерот Заев го истакна исклучителното најново откритие на скулптурата на Дионис, откриена од учесниците во школата за археологија, заедно со археолозите од земјата и вработените во Стоби.

„Стоби е крстосница на цивилизациите и на народите на овие простори, и наша должност е непроценливото археолошко богатство да го откриваме, да го чуваме и достојно да го негуваме и презентираме на светот. Затоа Стоби и денес е жив и отворен град. Новите Стобјани се истражувачите и конзерваторите инволвирани во сите проекти на Националната установа Стоби“, нагласи премиерот Заев, кој ја посочи важноста на археолошкото богатство, ретката мермерна скулптура на богот Дионис, откриена неодамна, мозаикот кој датира од 4 век, крстилницата и Старата епископска базилика.

„Во јули ќе започне и реализацијата на можеби најголемиот проект на Националната установа (НУ) „Стоби“, проектот за конзервација и реставрација на Театарот. Во овој грандиозен споменик на римскиот период, пред очите на 7.600 гледачи се одвивале театарски претстави и гладијаторски борби, подвлече премиерот Заев.  

Министерот за култура Исмаили во своето обраќање оцени дека Стоби, кој минатата година е посетен од над  19.000, посетители, а оваа година се очекува двојно поголем број, е еден од најзначајните споменици и сведоци на римската и доцноантичката епоха, кои даваат значајни информации за  самите градби. 

„Интензивно се работи на истражувањата на комплексот околу Храмот на Изида, потоа на Старата епископска базилика каде годинава е откриен фрескоживопис со геометриска декорација, а се  работи и на проектот за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Театарот“, рече министерот Исмаили, кој додаде дека Министерството за култура и во иднина ќе поддржува проекти во НУ „Стоби“, како значајно културно богатство и сите нови откритија, кои се од особено значење, не само за афирмација и промоција на нашата држава Република Северна Македонија, туку и за развојот на туризмот. 

Директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски информираше за интензитетот и очекувањата од работата на локалитетот, во чија активности, покрај вработените во локалитетот учествувале и 17 студенти од САД, Канада, Австралија, Шведска и Ел Салвадор, во рамки на Интернационалната школа за археологија.

„Горди сме на Стоби, денес, поради континуитетот кој од научен аспект се остварува и продолжува. Низ работата веќе имаме сознанија дека Стоби живеел и во 7 век”, рече директорот Перовски, заблагодарувајќи се на Владата и Министерството за култура за поддршката на проектите за ревитализација на објектот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата