„Дита“: Новиот шеф на грчката дипломатија Никос Дендиас е албански Грк

12.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Дита“: Новиот шеф на грчката дипломатија Никос Дендиас е албански Грк

Новиот министер за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас е албански Грк, бидејќи неговото потекло е од Химара, тврди весникот„Дита“.

Според истиот извор, 60-годишниот професор по право, роден на островот Крф, многу често со „гордост кажувал дека влече корени од Албанија“.

Неколку пати гостувајќи во телевизиски емисии изјави дека неговите предци биле од Химара, наведува весникот.

Притоа потсетува дека пред една година кога Дендиас бил еден од најсилните гласови на опозицијата и оти покренал сомневање за надворешната политика на Алексис Ципрас, од дистанца го критикувал и премиерот Еди Рама.

 Ме чуди тоа што премиерот Еди Рама нема прогрчки ставови. Ме чуди бидејќи Рама е четвртина Грк, неговата баба Анагности ја запознав на Крф, изјавил Дендиас кога бил во опозиција.
Во тоа време, наведува весникот, тој имал остри ставови кон Албанија и пренесува една од тогашните негови изјави.

 Треба да ги браниме нашите права, на грчкото малцинство во соседната земја, и не можеме да дозволиме земјата да стане терен за закани. Албанија има потреба од добри односи со Грција и со ЕУ. Имаме многу начини и средства да извршиме притисок врз Албанија. Тие не треба да веруваат дека можат да прават што сакаат, изјавил Дендиас.

Инаку, Химара е приморско гратче во јужна Албанија, поточно во округот Валона. Поради својата локација и топлото време, Химара е еден од најпривлечните градови на албанската ривиера. Химара има население од околу 3.000 жители припадници на грчкото малцинство.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата