(Видео) Десничари во Белград прекинаа перформанс за жртвите во Сребреница

12.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Десничари во Белград прекинаа перформанс за жртвите во Сребреница

Вчера во Белград дојде до инцидент. Дваесетина лица во маици со националистички симболи и слики од Ратко Младиќ упаднаа на претставата „Сребреница. Кога ние убиените ќе станеме“, организирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права по повод 24-годишнината од геноцидот во Сребреница.

Полицијата ги истерала од салата, а перформансот продолжил со полициско обезбедување.

Како што пренесе „Радио Слободна Европа“, групата десничари се обидела да го прекине обраќањето на режисерот, Златко Паковиќ, додека ги читал „осумте точки за театарот и геноцидот“.

Десничарите на почетокот почнале да пеат песни посветени на Ратко Младиќ и развиле транспарент, како и знаме на српското герилско движење.

Паковиќ им рече дека ќе имаат можност да зборуваат, но откако ќе се одржи перформансот.

Публиката му аплаудираше на Паковиќ по неговите зборови дека треба да се препознае геноцидот.

„Се надевам дека еден ден ќе се срамите од ова што го правите“, им рече режисерот на оние кои се обидоа да го спречат перформансот.

„Во претставата за Сребреница сакам да го направам она за што општеството не е способно“, истакнал тој и додал дека „битот на една република е да се стави на страната на жртвите кои не се нејзини граѓани, а против злосторниците кои се нејзини припадници“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата