Милион евра за лубриканти - НЕА ДРЖАВАТА ОДБИЛА ДА ЈА ЛЕКУВА ОД РАК

8.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Милион евра за лубриканти - НЕА ДРЖАВАТА ОДБИЛА ДА ЈА ЛЕКУВА ОД РАК

33 годишната Јана Арсовска од Охрид со години се бори со тешка болест, а деновиве беше одбиена за нега од државата.

Јана е туристички водич, кој зборува неколку јазици, но поради дијагностицираниот, опасен малиген тумор –  адултен неуробластом на 29 години таа е спречена да работи и заработува.

Наместо поддршка од државата, која и следува, таа е одбиена за парична нега.

-„Многу интересна вест ме разбуди утрово, за неверување… имав поднесено документи за нега да земам од државава на следна основа, а и ми следува: 2015- дијагностицирана со адултен неуробластом на 29 год. детска дијагноза, опасен малиген тумор за кого нема протокол официјален за возрасни. Примени 7 опасни хемотерапии + 10 дена строга изолација за MIBG терапија што во МК не постои + трансплантација на матични клетки (исклучително тежок период, месец дена изолација). Потоа следуваат контроли, но се работи за агресивен канцер и после година дена болеста ми се врати. Следува: 4 циклуси нови хемо + радиотерапија (и денес имам нус појави, ужасен дерматит / изгореници на десната нога, лимфен едем и со месеци одам со штаки) + втора трансплантација на матични клетки. Следен чекор се предлага имунотерапија, еден циклус чини околу 80 000 евра… + месеци во Германија, далеку од дома, од најблиските + панични напади + страв + пропуштам втора сезона да не ја работам поради нус појави кои не се воопшто наивни! И така, јас како човек со две трансплантации во година дена, неспособна за работа сеуште, што чекам резултати од биопсија во страв да не биде коскената срцевина уништена од ударно зрачење, МЕ ОДБИВААТ ЗА НЕГА! , напиша Јана на својот фејсбук профил.

Четири години голгота, лекување, зрачење,операции и  прегледи по болници. А нашата Јана секогаш ведра и насмеана, полна со верба во Бога , дека ќе ја победи болеста.

-„Мене, што 4 години од животов ги поминувам во болници. Не се жалам за тоа, таков пат ми одредил Бог и тој ќе ми даде сила за напред. Ќе водам јас уште многу тури, но сега, во овој момент за прв пат ВИСТИНСКИ чувствувам потреба да си заминам од тука. Македонијо,моја земјо прекрасна, те сакам бескрајно, но ако даде Бог ќе те напуштам. Амбициозна сум, зборам неколку странски јазици, вредна… само да оздравам и би сакала да заминам во некоја друга земја, можеби поправедна! Барем се надевам!!!“, пишува Јана.

Нејзиниот фејсбук статуст од 5 ти  јули предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Стотици споделувања и коментари. Граѓаните сочуствуваат за лошиот здравствен и социјален систем во државата и нудат помош.

Јана наша најмила биди храбра и продолжи по Божјата патека, успехот е неизбежен!!! Охриѓани се хумани,  чекаат твое одобрување  за да се организираат за помош…..

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата