Австрискиот претседател Александар ван дер Белен ќе допатува во посета на Западен Балкан

26.03.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Австрискиот претседател Александар ван дер Белен ќе допатува во посета на Западен Балкан

Тој ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Александар Шаленберг, министерката за правда Алма Задич и економска делегација со претставници на 30 австриски компании.

Првата фаза од посетата ќе биде во Албанија, а во вторник австриската делегација ќе замине за Северна Македонија. Александар ван дер Белен сака да ја „отвори вратата“ за австриските бизниси во двете земји кандидати за членство во Европската Унија, се потенцира во кусото соопштение за медиумите.

По пристигнувањето во Албанија, австрискиот претседател ќе ја посети хидроцентралата Ашта во северниот дел на земјата, изградена од австриските електроенергетски концерни Фербунд и ЕВН, како и средното техничко училиште „Петер Марингер“ од Австрија во градот Скадар.

Според податоците на Австриската стопанска комора секторите туризам, инфраструктура и енергетика се од особен интерес за австриските инвеститори. Албанија има за цел да го зголеми процентот на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Предвидена е изградба на неколку паркови за екстракција на сончева енергија и зголемување на капацитетите за добивање енергија од ветер.

Политичките разговори, во чиј центар ќе биде приближувањето на Албанија кон Европската Унија, ќе се одржат утре./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата