Невладина организација: Иран годинава егзекутира над 50 луѓе

27.01.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Невладина организација: Иран годинава егзекутира над 50 луѓе

Невладината организација Иран за човекови права (IHR) со седиште во Норвешка соопшти дека потврдила најмалку 55 егзекуции во првите 26 дена од оваа година.

Четири лица биле егзекутирани поради обвиненија поврзани со протестите, додека мнозинството од обесените (37) се егзекутирани за злосторства поврзани со дрога, рече истиот извор. Од невладината не соопштуваат зошто биле егзекутирани останатите 14 лица.

Најмалку 107 лица остануваат во ризик од егзекуција поради протестите, осудени на смрт или обвинети за злосторства што предвидуваат смртна казна, додаде ИЧП. Секоја егзекуција во Иран е „политичка“, бидејќи главната цел е „да се шири страв и терор во општеството“, нагласува ИЧП.

„За да се запре државната машина за убивање, не треба да се толерира никакво погубување, независно дали е политичко или не“, додаде директорот на ИЧП Махмуд Амири-Могадам.

Активистите го обвинуваат Иран дека ја користи смртната казна како инструмент за заплашување за да ги смири протестите кои започнаа на 16 септември, по смртта во притвор на Махса Амини, 22-годишна Курдка, уапсена три дена претходно за кршење на правилата за облекување на жените.

Според претставникот на ОН за човекови права Волкер Турк, „инструментализацијата на кривичната постапка“ во Иран за казнување на демонстрантите „е еднакво на убиство одобрено од државата“. ИЧП и другите невладини организации за човекови права допрва треба да објават статистички податоци за егзекуциите во Иран за 2022 година.

Но, ИЧП на почетокот на декември објави дека биле обесени повеќе од 500 луѓе, што е рекордна бројка во последните пет години.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата