УНЕСКО го прогласи пределот на реката Мура за резерват на биосферата

19.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
УНЕСКО го прогласи пределот на реката Мура за резерват на биосферата

Пределот на реката Мура, кој се протега на 13.000 хектари во Австрија, УНЕСКО го прогласи за резерват на биосферата на денешната седница во Париз.

Прогласувањето на долината на долна Мура за УНЕСКОВ резерват на биосферата е последниот чекор кон заедничката кандидатура на Хрватска, Австрија, Словенија, Унгарија и Србија за прогласување на првиот во светот петдржавен биосферен резерват „Мура-Драва-Дунав”, се вели во соопштението на Организацијата за заштита на животната средина WWF.

Директорката на Програмата за климатски промени на WWF Адриа, Душка Димовиќ вели дека речните станишта долж Мура, Драва и Дунав претставуваат околу 700 километри долг зелен коридор во срцето на Европа, кој опфаќа околу еден милион хектари на вредни природни живеалишта, со голем број на ретки видови на растенија и животни.

Во соопштението се вели дека WWF, министерствата за животна средина и другите партнери за заштита на природата од сите пет земји во текот на изминатите 20 години работат на долгорочна заштита на областа преку воспоставување резерват на биосферата.

WWF е една од најголемите светски признати, независни организации, вклучени во заштитата на природата и има активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата