МАН со поддршка за новинарот Бранко Героски

18.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МАН со поддршка за новинарот Бранко Героски

Новинарот и уредник на порталот Плусинфо, Бранко Героски, последниве денови објави неколку текстови во кои се посочува на крупен криминал во кој учествуваат сопственик на телевизија, уредник во телевизијата, висок партиски функционер на владеачка партија, а се однесува на рекет и уцена на градоначалници и бизнисмени со документација и снимки од прислушкувани разговори од СЈО.

Досега се посочени четири примери, а новинарот Героски најави продолжување на сторијата со нови случаи на рекет и уцени кои се движат во стотици иљади евра, па и повеќе.

Героски поради ова се соочува со закани и уцени од луѓе кои се директно и индиректно поврзани со овие случаи на рекет и уцена со намера да престане со објавите, што тој и самиот го објави во својата колумна.

Македонската асоцијација на новинари МАН бара од извршителите на тие закани и уцени кон Героски да запрат со своите дејствија и остават новинарот да ја работи слободно и непречено својата работа што му е гарантирано и со законите на оваа држава.

МАН бара од Јавното обвинителство да ги истражи посочените случаи и да преземе итни мерки, особено затоа што се работи за спрега помеѓу висок партиски функционер и сопственик на медиум во уцените и заканите на бизнисени и градоначалници бидејќи, и според закон ОЈО мора да делува според допрен глас, а гласот за ова е повеќе од јавен.

Веќе подолг период меѓу новинарите се познати поголем дел од случаите за кои пишува сега Героски, познати се и имињата на оние кои вршеле уцени и рекет, како и на жртвите, а за некои од уценувачите Финансовата полиција има отворен случај, но без завршница.

Новинарот Героски се осмели да пишува за она што сите го гледаме и знаеме, но другите таа храброст и упатеност во случајов ја немале, и Героски ја има целосната поддршка од МАН да продолжи да ја врши својата работа професионално и одговорно кон јавноста, стои во соопштението на МАН.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата