Европскиот совет изрази загриженост за безбедносните предизвици во Црното Море

17.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европскиот совет изрази загриженост за безбедносните предизвици во Црното Море

Министрите за надворешни работи на 28 земји-членки на ЕУ изразија загриженост за безбедносната ситуација во регионот на Црното Море и ја потврдија политиката за непризнавање на Крим, објави Европскиот совет во изјавата усвоена на состанокот во Луксембург, пренесува ТАСС .

„Советот останува загрижен за безбедносните предизвици во регионот на Црното Море. Во овој контекст, повторуваме дека почитувањето на меѓународното право, вклучувајќи ги и принципите на независност, суверенитет и територијален интегритет, Конвенцијата на ОН за поморско право, слободата на навигацијата, како и политичките одлуки на ЕУ и политиката за непризнавање на илегалната анексија на Крим, се основни за пристапот на ЕУ кон регионалната соработка во регионот на Црното Море”, се вели во соопштението.

Советот ја истакна зголемената стратешка важност на регионот на Црното Море за ЕУ, повикувајќи на засилено вклучување на ЕУ во регионалната соработка. Тука особено ја истакнува важноста на искористување на новите можности за економски развој и поврзаност во регионот и пошироко.

Во документот се вели дека Советот признава оти подобрената регионална соработка на Црното Море ќе придонесе за имплементација на Стратегијата на ЕУ за поврзување на Европа и Азија и нејзините четири приоритети во однос на транспортот, енергијата, дигиталното и меѓучовечкото поврзување.

Советот ја нагласува важноста за изработка на план за комуникација за поддршка на придонесот на ЕУ за регионална соработка во регионот на Црното Море и за зголемување на видливоста на работата на ЕУ и нејзините земји-членки.

ЕУ разговараше за областа на Црното Море на различни нивоа по инцидентот на 25 ноември 2018 година, кога три украински воени брода ги прекршија правилата за минување низ теснецот Керч. И покрај повторените предупредувања и барања да престанат, украинските бродови продолжија со својот пат, принудувајќи ја Русија да користи оружје. Тројца украински војници беа лесно повредени. Бродот беше запленет, а 24 украински морнари беа уапсени под обвинение дека ги повредиле границите на Русија.

 

 

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата