Хан: Северна Македонија направи храбри компромиси, ЕУ губи ако не ја награди земјата

17.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хан: Северна Македонија направи храбри компромиси, ЕУ губи ако не ја награди земјата

Политичкиот компромис на земјите од Западен Балкан треба да биде награден, изјави во пресрет на утрешната седница на Советот на ЕУ, комесарот за проширување Јоханес Хан.

Во околности во кои Советот на ЕУ може утре повторно да ја одложи одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Хан денеска ги повика министрите на ЕУ што побрзо да овозможат отпочнување на пристапни преговори со нашата земја, оценувајќи дека тоа би бил важен сигнал за целиот регион, пренесе „Танјуг“.

Тој порача дека земјава направила се што било побарано од неа и предушреди дека секое одлагање на соодветен одговор од ЕУ би претставувал ризик.

„Ако една земја која многу инвестираше во европската перспектива, а нејзините лидери покажаа храброст во постигнувањето на компромиси, не биде наградена за тоа, тогаш ЕУ го губи кредибилитетот и моќта да дејствува во целиот регионот на Западен Балкан“, смета Хан.

Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот на Советот во Луксембург утре треба да донесат заклучоци и препораки за понатамошните чекори во поглед на земјите кои се во процес на пристапување кон Унијата.

Додека група на земји предводена од балтичките земји и од Централна Европа се залагаат за почеток на пристапните преговори во јуни, Германија бара одложување до септември поради расправата на Бундестагот.

Во исто време, Франција и Холандија сметаат дека одлуката за Северна Македонија може да биде донесена и подоцна, а се и против почетокот на преговорите со Албанија, поради, како што ценат, неубедливите докази за напредок во владеењето на правото, особено во борбата против организираниот криминал.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата