Мицкоски: Македонија е жива, покрај сите бури, сите премрежја, сите пакости кои се случија овие 29 години, а ВМРО е чуварот на оваа земја

16.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски: Македонија е жива, покрај сите бури, сите премрежја, сите пакости кои се случија овие 29 години, а ВМРО е чуварот на оваа земја

Македонија е жива. Покрај сите бури, сите премрежја, сите пакости кои се случија овие 29 години, Македонија е жива. Тој вулкан на непокорот и најдлабокото чувство кое доаѓа од срцето и кое не прави горди, и среќни не само што тлее, туку татни. Татни затоа што покрај сите неправди и беспаќа секогаш го одбиравме потешкиот, но вистинскиот пат. А ВМРО е чуварот на оваа земја, ова денеска на 29 роденден на ВМРО-ДПМНЕ го истакна лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

-И има приказни кои траат долго, и тоа е така затоа што оваа наша приказна има идеологија, цврста арматура во која кодот е ВМРО, а целта на нашето постоење е нашата Македонија. И еве не тука 29 години, по сите премрежја и се она што го минавме особено последниве години, ВМРО-ДПМНЕ се крева. И не само што сме на нозе, туку брзо чекориме, трчаме заедно со народот, да ја спасиме нашата земја од пепелот кој го оставаат. Да изградиме иднина, да го фатиме чекорот со другите од соседството кои не поминаа. Но не само да ги стигнеме, туку и да бидеме подобри. Затоа што оваа земја мора по сите порази и сите неразбрани трговци влезени во политиката да почне да победува. А победата не е нешто недостижно. Потребно е да се има сон, мотив и чест. Тоа го имаше пред 29 години и Драган Богдановски, човек со визија кој ги постави темелите на она што е ВМРО ДПМНЕ денес. Тој во референдумскиот манифест во 1991 година ќе напише. „Покрај мрачната страна на политичките огледала во кое се топи ликот на Македонската Република, постои и светла страна. Интересите на Македонија бескомпромисно и неуморно ги заштитува татковинската илинденска партија ВМРО-ДПМНЕ кој во судбоносните историски моменти се потврди како борец за независна македонска држава. Иако шиканирана од власта, прогонувана, клеветена, ВМРО-ДПМНЕ исполнува во политичкиот живот на Македонската Република многу важна улога бидејќи таа е носител на илинденскиот идеал на македонскиот народ за независна држава“, напиша Богдановски. А тој го продолжи она што пред 126 години го создадоа 6-те македонски интелектуалци. Тргнаа зошто веруваа. Пострадаа, зошто не се откажаа. Тие за време на нивните животи не успеаја, но успеа нивната идеја, а таа е Македонија. И ова го кажувам не за да бидам неискрено сентиментален, туку за да доловам каква обврска имаме сите ние, и каков грамаден товар на човечки судбини, идеи и верувања сочинува нашата партија, каде честа, слободата и човекот се најголемата вредност. А нашиот сон за Европа, и за европските вредности, наспроти искривувањето на вистина и смислените етикети кои ни ги редат од власта за да го покријат сопствениот неуспех, е дел од нашата најцврста арматура врз која се градат нашите политики. Ние не веруваме во подарени чуда, во розови очила, тоа не постои, туку веруваме во сопствениот труд, и во честа. А ВМРО е чест, идеологија, и вредности. И веруваме во Македонија, потенцира Мицкоски.

Тој додава дека и низ овие 29 години во ВМРО-ДПМНЕ се вградија многу поединци, цврсти индивидуи, оставија траен белег, интелектуалци, научници. Сите со свој придонес. Имавме грешки од кој учиме, и подвизи со кои се гордееме. И денес имаме подадена рака кон сите, кон секој еден човек, кон секој кој поседува потенцијал, мотив и верува дека можеме да донесеме промена и да успееме.

-И од оваа перспектива две работи се сигурни: Првата….СДСМ паѓа, а втората ВМРО-ДПМНЕ со народот ќе победи Заев е на колена и во сопствената кал, а ВМРО-ДПМНЕ по изборите кога и да се случат ќе формира Влада со која Македонија ќе оди вистински напред. И немојте да мислите дека заборавам од каде почнавме, но и низ се што поминавме овие две години. И оние кои веруваа од почетокот, но и оние кои не веруваа, а поверуваа дека можеме, но оние се уште кои не веруваат а знам дека ќе поверуваат, ви велам СДСМ и Заев е тргната по удолницата од која нема враќање, а ВМРО-ДПМНЕ секој ден станува се посилна, се поорганизирана и свесна дека не чека многу работа за да Македонија успее. А победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа на Македонија! И ова ви го ветувам на овој 29 роденден. Ова е битка во кој влегов свесно, во која влегов со целото мое срце, знаење и чест. И во која ја вложувам мојата душа и себеси. И нема да отстапам, нема да отстапам поради мојот карактер, поради иднината на нашите деца, поради секој солза која пушта обичниот човек поради неправдите и сиромаштијата, поради одземената иднина, поради мајките кои плачат за своите деца кои си одат од земјава, поради сите наши луѓе кои чесно и даваат на оваа земја без да побараат повеќе од тоа што вложуваат. Македонија ќе успее, затоа што нема простор повеќе за неуспеси. И има и такви кои ми велат народот не го сака Заев, ама гледај се му поминува, а народот молчи и на крај останува убеден во тоа. И секако дека не можам да се сложам во тоа. Не успеаја да го скршат духот на Македонецот, а пробаа. Но народот не може да се измами. И таман мислеа дека им помина, дека таа колективна психоза на разубавениот свет на Владата и вештачка среќа која треба да ја угуши тешката и болна реалност и вистинската несреќа, она психолошко насилие врз колективниот ум кој го применува оваа власт, ќе се распрсне како меур од сапуница, кога од 50 илјади грла од плоштадот Македонија бодрејќи го шампионот Вардар ќе ве соочат со неуспехот на Власта и тие изнасилени и вештачки политики, порачувајќи и пеејќи „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“. Е таквиот пркос покажува дека броени се деновите на Заев, и никој не победил народ. Дека со сила убавина не бива. Дека за добар живот не треба уставна гимнастика, туку многу работа каква не гледаме, од оваа атниреформска и антибизнис влада, вели Мицкоски.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата