КОЈА Е ЛОГИКАТА? Сите градат станови, а 5.340 станови никој не ги купува

15.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
КОЈА Е ЛОГИКАТА? Сите градат станови, а 5.340 станови никој не ги купува

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година, деловните субјекти кои се занимаваат со градежна дејност извршиле градежни работи во вредност од 29,3 милијарди денари. Од нив, 11,5 милијарди денари се за објекти во индивидуална сопственост.

Во текот на 2018 година се градени вкупно 2.209 објекти, а завршени се вкупно 3.437 станови со вкупна површина од 227.797 м, од коишто 3 413 се во индивидуална сопственост. Просечната корисна површина на завршените станови е 66.3 м . По региони, најмногу се градело во Скопскиот регион, потоа во Југозападниот, во Источниот итн.

Во периодот јануари – март 2019 година, на целата територија на државата се продадени 687 новоизградени станови, што е за 65 станови помалку од четвртиот квартал во 2019 година, покажува статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности. Заклучно со март, на целата територија на земјава има 5.340 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности.

За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 86 станови. Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 11.322 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. „Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови“, се вели во извештајот на Катастарот.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата