Ковачевски: Од 1 декември ќе се видат резултатите од мерките на владата

26.11.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ковачевски: Од 1 декември ќе се видат резултатите од мерките на владата

Претседателот на Владата , Димитар Ковачевски денеска во Штип ја посети фабриката за масло „Брилијант“ чие производство е рестартирано од страна на АД „Витаминка“.

Ковачевски порача дека во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

-Во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштити животниот стандард на граѓаните. Токму во таа насока Владата изминатиот период донесе одлуки за повластена тарифа на електрична енергија пониска од берзанската, со што влијаеме на намалувањето на цените на основните прехранбени производи, вели Ковачевски.

Тој нагласи дека согласно податоците, кои ги објавија деновиве, вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“ и тие ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават час, која треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи.

Премиерот истакна дека на 1 декември ќе се видат и првичните резултати на пазарот од мерката за поевтина струја и според сите параметри се оекува намалување на цената на производите за најамлку 10 отсто.

-Исто така, би напоменал дека за компаниите од прехранбениот сектор најважно е да имаат домашна суровина, затоа ставаме силен фокус на зголемување на примарното земјоделско производство. Конкретно во случајот на домашното производство на сончоглед. Обезбедивме и продолжуваме да обезбедуваме во иднина навремена исплата на субвенциите и други мерки за зголемување на површините за производство на земјоделски производи.И оваа година пред почетокот на новата сеидбена сезона за сончогледот ги исплативме субвенциите, за да можат земјоделците навреме да сеат, за да имаат пари за производствените трошоци. Платежната агенција исплати над 450 милиони денари субвенции за полјоделски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка на над 24.000 земјоделци, додаде Ковачевски.

Премиерот при денешната посета на фабриката „Брилијант“ во Штип нагласи дека во време на криза Владата дава навремена и неселективна поддршка на земјоделците, со цел да се стимулира земјоделското производство.

-Во таа насока е и новиот модел за распределба на земјоделските субвенции, кој што ќе значи решавање сите долгогодишни проблеми на земјоделците, брз систем за исплата на субвенциите и спречување злоупотребите и сивата економија.Конкретно, досегашниот систем според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со нов „decoupling систем“. Со новиот модел, ги мотивираме земјоделците да произведат повеќе храна, нешто што е многу важно во услови на светска економска и енергетска криза, вели Ковачевски.

Премиерот Ковачевски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ја посетија и фабриката „Актива“ во Штип.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата