ЕВРОПА И ВЕРУВА НА ПОЛИТИЧКАТА ДЕСНИЦА: Унгарија, Шведска, Италија…

1.10.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕВРОПА И ВЕРУВА НА ПОЛИТИЧКАТА ДЕСНИЦА: Унгарија, Шведска, Италија…

Која е Џорџија Мелони – десна радикалка, постфашистка, екстремистка, етнонационалистка, христијанска фундаменталистка или, пак, нешто сосема поинакво? Одговорот на ова прашање ги надминува чисто италијанските политички рамки и ги исцртува контурите на современата глобална десница. Но да појдеме од почеток… На минатонеделните избори во Италија, победата ја однесе десничарската коалиција, овој пат предводена од Џорџија Мелони, лидерката на Браќата на Италија.

Овој (не)очекуван резултат предизвика вистинска бура во европската и во глобалната јавност, па се чини дека целиот свет се труди да проникне во загатката на најновата италијанска сфинга.

Се разбира, секоја политика е локална, па така и италијанската. Точно е дека своите први политички чекори идната италијанска премиерка ги прави во Италијанското социјално движење, постфашистичката партија на повоена Италија што е идеолошки, а во голема мера и кадровски, наследник на италијанските фашисти.

За време на Студената војна, тие се постојано присутни во италијанскиот законодавен дом, но постои цврст „санитарен кордон“ на демократските партии што оневозможува тие да влезат во власта. Сето тоа се сруши по скандалот „Танџетополи“, односно „маалото на арамиите“ како што некој вешто го преведе тоа на македонски јазик, кога откритијата на системската корупција, клиентелизам и злоупотреба на моќта на тогашните италијански демократски партии го срушија целиот партиски систем во земјата, оставајќи ги само италијанските комунисти и италијанските постфашисти како единствени тамошни политички партии неинфицирани од вирусот на политичкиот арамилак.

Тогашниот лидер на италијанските постфашисти, Џанфранко Фини, веднаш ја преобрази и ја преименува партија во Национална алијанса, па потоа и стапи во цврст изборен сојуз и со харизматичниот бизнисмен Силвио Берлускони, кој произведе нова центристичка десница во ликот на Напред Италија, на местото на дискредитираните христијански демократи, но и со федералистите од Северна лига, дотогаш нивни лути идеолошки противници.

Оние со пократко паметење треба да се потсетат дека клучните европски политички сили и тогаш беа сериозно возбудени поради рушењето на „санитараниот кордон“ против италијанските постфашисти и нивниот влез во Владата, но историјата ги демантираше затоа што Фини успеа да ја стопи неговата партија во Слободарскиот пол на Берлускони и да произведе голем број успешни министри во неколкуте италијански десничарски влади, а една од нив е и Џорџија Мелони.

Таа го следи својот лидер Фини во сите политички збиднувања на италијанската сцена, за конечно да раскине и со него и со Силвио Берлускони, по нивната поддршка за владата на Марио Монти, првиот октроиран италијански премиер на врвот на финансиската криза од 2012 година. Во меѓувреме, таа се стекнува и со пратеничко искуство, но и станува владина министерка за млади, со што добива и политички стаж во извршната власт.

Овој момент на нејзин раскин со центристичката десница, околу поддршката на кабинетот на октроираниот Марио Монти, ни овозможува да проникнеме во нејзиниот светоглед. Очигледно станува збор за жена со демократски светоглед (одбивање да се прифати наметнат избор за премиер), но и за тврд суверенист (Монти беше решение на круговите околу Европската комисија, Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и светот на глобалните финансии).

Токму истата црта на нејзиниот политички карактер ќе дојде до израз и при изборот на вториот италијански октроиран премиер Марио Драги, кога единствено нејзината партија ќе остане надвор од кругот на собраниска поддршка за неговиот кабинет (нејзините партнери од Лигата, Матео Салвини, и Напред Италија, Силвио Берлускони, влегоа во владата на Драги).

Исто така, таа јасно става до знаење дека не се срами од своето политичко минато, па во симболот на нејзината партија се наоѓа „тробојниот пламен“ од нејзината матична партија, за кој се вели дека не е само симбол на вечноста на италијанскиот патриотизам (оган во боите на италијанското знаме) туку и на „вечниот пламен“ што, за жал, сè уште гори покрај гробот на Бенито Мусолини.

Покрај тоа, од својата матична партија Мелони го зема и залагањето за цврста унитарна држава, претседателски систем, се противи на федерализмот, бара стабилна социјална држава и конфедерална Европска Унија на суверени држави. Нормално, Браќата на Италија бараат ред и поредок, силна италијанска војска и повеќе средства за италијанските полицајци и карабињери.

Во постјугословенскиот простор проструи и веста дека и таа лично и нејзината партија бараат да му бидат одземени врвните италијански државни одликувања на Јосип Броз Тито, а и бараат враќање на имотите и репарации од Словенија и од Хрватска за протераните далматински и истарски Италијанци (повторно ништо ново за италијанската политика, но премногу „жешко“ за да не биде пренесено во постјугословенскиот печат).

Вредносниот дел, пак, на нејзиниот политички светоглед може да се согледа во видеото што деновиве кружи и по македонските социјални мрежи каде што таа за себе вели „Јас сум Џорџија, јас сум жена, јас сум Италијанка, јас сум христијанка“.

Мелони е жестока противничка на стремежите на италијанските активисти за изедначување на правата на истополовите двојки со традиционалните брачни заедници, составени од маж и жена, а посебно на можноста тие да посвојуваат деца. Исто така, таа бара сопирање на неконтролираната миграција и бара зачувување на христијанскиот карактер на Италија. Токму кај овие точки нејзината платформа се поклопува со политичките програми на растечките европски десничари.

Се чини дека низ Европа стасува едно ново десничарско политичко движење што е социјално, културолошки и национално конзервативно, но кое истовремено се залага и за враќање на државата на благосостојбата и „скротување“ на неолибералниот капитализам и на неговите претерувања. Со други зборови, се бара национален, економски, социјален и културен суверенизам. Притоа, оваа нова десница не е антидемократска и антисистемска, не бара ни рушење на заедничкиот европски пазар, на институциите на Европската Унија и на НАТО, но очигледно се залага за поинаква содржина на овие установи и бара сопирање на „сè потесната интеграција“ и на федерализацијата на Европа.

Растот на популарноста на суверенистите се темели и на фактот што сите други политички движења во Европа, како партиите од традиционалната десница обединети во Европската народна партија, европските либерали, европските социјалдемократи, па дури и зелените програмски идеолошки се стопија и е многу тешко да се забележат разлики во нивните политички платформи. Како да станува збор за само различни фракции на глобалистичката политика.

Суверенистичките движења се можеби последната црта на одбраната на европскиот демократски поредок од раѓањето и подемот на антидемократски, антисистемски и малигни политички движења со чудовишни политички цели. Џорџија Мелони, а и сите други европски националпопулисти се само еден знак дека антиглобалистичките десничарски политички движења созреале по еден долг пат низ институциите.

Со нивната политика може да се согласуваме и може да не се согласуваме, но факт е дека сите тие се создаваа, се градеа, растеа и созреваа низ демократскиот европски простор и дека ниту едно од нив не ги спори клучните вредности на европската демократија. Тие се и достојни политички сојузници за многу прашања околу уредувањето на заедничкото живеење, но и лути противници околу многу вредносни прашања.

Мене ме загрижуваат претстојната европска економска криза и очигледното неснаоѓање на Европската Унија во нејзиниот колективен одговор кон предизвиците настанати од руската инвазија врз Украина. Кризата ќе произведе разјарено и несреќно граѓанство што нема да има трпение за празни разговори и за помпезни најави, а посебно за некакви апстрактни цели. Глобалистичките партии веќе не успеваат да ги импресионираат избирачите, па дојде време да го видиме и суверенистичкиот одговор на европската политичка криза.

Ивица Боцевски

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата