САД и 14 пацифички островски држави презедоа обврска за засилување на партнерството

30.09.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД и 14 пацифички островски држави презедоа обврска за засилување на партнерството

Во заедничка декларација што вчера беше објавена, на вториот ден од самитот, САД и островските држави од Тихиот Океан се обврзаа за зајакнување на своето партнерство,  додека Вашингтон се обидува да одговори на нивните потреби, загрижен за улогата на Кина во регионот.

„Тихоокеанските лидери ја поздравуваат посветеноста на САД за зајакнување на нивниот ангажман, што вклучува зајакнување на нивното дипломатско присуство, на врските меѓу народите и развивање на соработката на САД низ целиот регион“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа беше домаќин на дводневен самит на лидери и претставници на 14 островски држави, во обидот САД да го зголемат својот ангажман во регионот.

„Вашингтон пост“ ги цитираше американските официјални лица дека администрацијата на Бајден ќе објави инвестиција од повеќе од 860 милиони долари во различни програми за помош за островите, откако во изминатите 10 години САД во нив инвестираа повеќе од 1,5 милијарди долари.

Се додава дека сите лидери кои присуствуваа на средбата во  Белата куќа се согласиле да ја потпишат изјавата од 11 точки, пренесе Хина. Меѓу нив е и претседателот на Соломонските Острови, Манасех Согавара, кој во последните месеци се зближи со Кина и првично не беше подготвен да го потпише документот. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата