Полицијата убива демонстрантки во Иран, тие и натаму протестираат и ги палат хиџабите (ВИДЕО)

27.09.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Полицијата убива демонстрантки во Иран, тие и натаму протестираат и ги палат хиџабите (ВИДЕО)

Најмалку 50 луѓе загинале во саботата во судирите меѓу полицијата и демонстрантите, а во меѓувреме бројот сигурно се зголемил.

Да потсетиме, тие беа предизвикани од повеќе од сомнителната смрт на 22-годишната Махса Амини. Нејзиното семејство и активистите се убедени дека полицијата и нанела повреди на главата, од кои набргу потоа колабирала во полициската станица во Техеран, завршила во кома и починала три дена подоцна во болница, наводно од срцев удар.

Таткото на Амини изјави за Би-Би-Си дека полицијата објавила монтирана снимка од надзорната камера и го уверила дека камерите закачени на телата што ги носеле полицајците не работеле поради испразнети батерии и дека не можеле да ја однесат Махса порано во болница бидејќи не можеле да ги најдат клучевите од возилото за брза помош. Тој го оспорил и официјалниот лекарски извештај според кој неговата ќерка имала здравствени проблеми поради кои ѝ се слошило. Иранските власти сè уште негираат дека таа била претепана.

Примени се извештаите на надзорните органи, сослушани сведоците, прегледани видеата, собрани вештачења и утврдено е дека „немало ќотек“, изјави министерот за внатрешни работи Ахмад Вахиди.

Таа беше уапсена од таканаречената полиција за морал поради „несоодветно“ носење хиџаб, традиционалната исламска марама што жените во Иран мора да ја носат на јавно место. Сега, во знак на протест, Иранките масовно ги симнуваат шамиите, и ги палат, уште еднаш пркосејќи му на овој исламистички закон и на бруталниот начин на кој се казнуваат оние жени кои го прекршуваат.

Бидејќи Амини има курдско потекло, протестите се најмасовни во северозападниот дел на земјата каде живее курдското малцинство, но се проширија во 80 градови низ земјата. Ако продолжат, тие би можеле да ги надминат оние од 2019 година, кои исто така имаа за цел да го соборат Хамнеи и неговиот режим. По неколку месеци, тие беа крваво задушени, а се проценува дека загинале околу 1.500 демонстранти.

Иако жените први излегоа на улиците, мажите им се придружија и протестот набрзо прерасна од барање за укинување на обврската за носење шамија на барање за соборување на исламистичкиот режим предводен од 83-годишниот ајатолах Али Хамнеи , кој е на чело на државата како нејзин врховен владетел од 1989 година до денес.

Како што артикулира иранско-американскиот политички аналитичар во Фондацијата Карнеги, Карим Саџадпур, ова е првенствено „бунт на иранските внуци против дедовците кои владеат со нивната земја“. Со други зборови, за конфликтот меѓу младите, прогресивни и образовани жени и старите, конзервативни мажи, без разлика дали тие се самите исламски свештеници или се исламистички настроени.

Не требаше многу време да ескалира конфронтацијата меѓу иранската полиција и другите безбедносни сили на режимот и тие да одговорат на насилството и подметнувањето пожар на дел од демонстрантите со отворање оган со боева муниција. А бидејќи мобилниот интернет е исклучен во голем дел од земјата, а странските известувачи немаат можност да известуваат од улиците на иранските градови, во моментов е многу тешко да се одреди вистинскиот број на загинатите. Групите за човекови права тврдат дека бројот на загинати веќе надминал 75.

На видеото споделено од невладината организација Иран за човекови права со седиште во Осло, може да се види како униформиран припадник на иранските безбедносни сили пука со калашников кон демонстрантите – не во воздух – на булеварот Фердуси во Техеран. И тоа е само едно од низата видеа на кои може да се види или слушне како се отвора оган во правец на демонстрантите, како и демонстранти погодени од куршуми. Полицијата тврди дека само во северната провинција Гилан досега се повредени над 100 полицајци.

А како што наведува Саџадпур, покрај Амини, меѓу убиените има уште најмалку три девојки чии фотографии ги објавиле како контраст на старите мажи свештеници и функционери кои главно не биле избрани на демократски избори, но сè уште ги држат главните лостови на власта. . Иранските власти во понеделникот објавија дека досега се уапсени повеќе од 1.200 лица.

Амнести интернешенел тврди дека има најмалку четири деца меѓу убиените демонстранти и ги обвинува иранските власти за „болен модел“ на „намерно и незаконско пукање со боева муниција кон демонстрантите“, односно „немилосрдниот напад на владата врз човечки животи под закрила на исклучување на интернетот“, пренесува Гардијан.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата