Русија им нуди титула „Мајка хероина“ и 16,5 илјади евра на жените, кои ќе родат 10 деца

19.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Русија им нуди титула „Мајка хероина“ и 16,5 илјади евра на жените, кои ќе родат 10 деца

Тие се одлучиле на тој потег бидејќи се соочуваат со пад на населението, што се забрза по инвазијата на Украина.

Според указот потпишан оваа недела од претседателот Владимир Путин, титулата ќе ја добијат оние кои ќе родат и одгледуваат 10 руски државјани, а ќе добијат сума од еден милион руски рубљи (16,5 илјади евра) кога 10-то дете ќе наполни една година.

Се наведува дека на децата мора да им се обезбеди „соодветно ниво на здравствена заштита, тие мора да се образуваат и да се развиваат физички, духовно и морално“. Сите 10 деца мора да бидат живи, освен ако не загинале за време на воена, службена или државна служба или во терористички напад, пишува CNN.

Титулата Мајка хероина била востановена во 1944 година и се доделувала до распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Победниците ќе го добијат Орденот на петкрака ѕвезда. Мајките хероини се еднакви со оние кои ја добиваат титулата Херој на Руската Федерација за храброст или оние кои се наградени како херои на трудот за служење на државата.

Бројот на работоспособни жители на Русија се намалува од 2010 година, покажуваат податоците на ОН. Аналитичарите долго време истакнуваат дека опаѓањето и стареењето на населението во земјата веројатно ќе го ограничи растот во наредните децении. Прогнозата на Економист Интелиџенс Јунит, објавена претходно оваа година, проценува дека до 2050 година, вкупното население на Русија би можело да се намали за 8,4 отсто во однос на нивото од 1995 година.

Нападот на Русија врз Украина на 24 февруари го забрза негативниот тренд. Населението на Русија се намалило за рекордни 86.000 луѓе месечно од јануари до мај, пишува „Москва тајмс“, повикувајќи се на официјални податоци. Претходниот рекорд бил пад од 57.000 луѓе месечно во 2002 година.

И покрај фактот што Русија претрпе големи загуби од почетокот на инвазијата, податоците на државната статистичка агенција Росстат покажуваат пад на бројот на смртни случаи од година во година, а намалувањето на населението го поврзуваат со миграцијата и намалувањето на наталитетот. Росстат вели дека вкупното население сега изнесува 145,1 милиони.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата