ЛУКСУЗОТ НЕ ЗНАЕ ЗА КРИЗА: Продажбата и покрај се е во ПОДЕМ

19.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЛУКСУЗОТ НЕ ЗНАЕ ЗА КРИЗА: Продажбата и покрај се е во ПОДЕМ

Војната во Украина и галопирачката инфлација, се чини, не можат да го загрозат досегашниот пазар на луксузни стоки. Како што пренесуваат западните медиуми, нивната продажба е во подем, а заработката во индустријата достигнува нови рекордни нивоа.  

Експертите објаснуваат дека трендот на зголемување на нееднаквоста во развиените економии трае од 1990-тите. Од една страна се зголемува слојот на богати, а од друга се намалува средната класа и се зголемува бројот на сиромашни. 

Концернот LVMH објави дека заработката на нивните модни брендови, како „Louis Vuitton“, „Dior“ и „Fendi“ достигнала ново рекордно ниво.  

И продажбата на шампањ, коњак и луксузни часовници исто така поминала многу добро. Оперативната добивка на тој концерн во првите шест месеци од годинава е зголемена за 34 отсто, односно на повеќе од десет милијарди евра.  

Во тој период нивната продажба пораснала за 28 отсто, односно речиси 37 милијарди евра. Двоцифрен раст на продажбата и добивката забележале и конкурентите како „Керинг“, „Хермес“ и „Прада“.  

Кризата со пандемијата и донесе на индустријата за луксузни стоки најголемиот пад во историјата во 2020 година, но тоа беше прилично кратка пауза. Според студијата на консултантската компанија „Бејн“, глобалниот пазар на луксузни стоки како облека и накит го надмина нивото пред короната и изнесува 288 милијарди евра. 

Герд Милер Томкинс, од Германскиот моден институт, забележува дека постои екстремна поларизација на пазарот кога станува збор за модата. Тој наведува дека за едни што поскапи толку подобро, а за други што поевтини толку подобро, но средината исчезнува. 

Бојан Станиќ, помошник-директор на Секторот за стратешки анализи на Стопанската комора на Србија, наведува дека во последно време пристигнуваат нови богаташи од новоиндустриски развиените и земјите во развој. 

– Се издвојуваат населените земји, како што се африканските и азиските земји, кои имаат се побројна висока класа – објаснува Станиќ. 

– Сакаат да купуваат луксузни производи на запад. Што се однесува до часовниците и накитот, треба да имате на ум дека на овие производи често се гледа како на инвестиција. 

Тој додава дека, од друга страна, средната класа се намалува, а бројот на сиромашни се зголемува. Таа разлика меѓу богатите и сиромашните, како што истакнува, постојано се зголемува, а овој тренд постои во последните децении. 

Војната во Украина и поврзаната висока стапка на инфлација и економски пад досега немаа речиси никакво влијание врз луксузните брендови. Ова се наведува во студијата на консултантската компанија „Бејн“. 

– Индустријата за луксузни стоки повторно покажува високо ниво на отпорност во кризи – изјави аналитичарката на таа консултантска фирма, Мари Терезе Марек. – Годинава вкупниот промет на индустријата за луксузни стоки дури може да се зголеми на 320 до 330 милијарди евра и покрај војната во Украина и инфлацијата. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата