Германија воведува нови давачки за гас

18.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германија воведува нови давачки за гас

Надоместокот за складирање на гас од 0,59 евро центи за киловат час треба да стапи на сила на 1 октомври, објави операторот на пазарот на гас, „Trading Hub Europe (THE)“.

На почетокот на неделата „THE“ веќе објави такса од 2.419 евроценти за киловат час од октомври, што треба да ги надомести увозниците на гас за повисоките трошоци за набавка по значително намалените испораки од Русија.

Новите давачки ќе значат речиси 500 евра повеќе трошоци за гас за просечно четиричлено семејство во текот на една година, според проценките на дигиталните платформи за споредба и анализа на цените „Verivox“ и „Check24“.

Надоместокот за разликата во цената ќе го плати и индустријата, па сметките за енергија во секторот за производство на челик ќе се зголемат за дополнителни 500 милиони евра годишно, покрај седумте милијарди евра дополнителни трошоци кои се веќе произведени од високите цени на енергијата, според челичната индустрија.

„Надоместокот за гас значително го зголемува притисокот на трошоците на кој веќе е изложена челичната индустрија поради екстремните зголемувања на цените на енергетските пазари“, рече Ханс Јирген Керхоф, претседател на здружението на производители на челик. Економистите предупредија дека таксите дополнително ќе ја поттикнат инфлацијата во најголемата европска економија, која веќе изнесува високи 8,5 проценти.

Таксите се предвидени во новиот закон за енергетска безбедност што Германија го усвои годинава по намалените испораки на гас од Русија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека за да се ублажи ударот од новите трошоци што особено тешко ќе ги погодат сиромашните домаќинства, стапката на ДДВ за гасот ќе се намали од 19 на седум проценти за „да се зачува социјалната кохезија“.

Намалената стапка на ДДВ ќе остане на сила до крајот на март 2024 година, кога треба да се укинат давачките.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата