Трамп за тајните документи би можел да добие 20 години затворска казна

13.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп за тајните документи би можел да добие 20 години затворска казна

Налогот за претрес на Мар-а-Лаго на ФБИ, објавен вчера од Министерството за правда, открива дека Трамп е под истрага за три можни прекршувања на законот: криење, уништување или отстранување документи; попречување на правдата, вклучително и уништување, менување или фалсификување на документи во федерални истраги; и можни прекршувања на законите за шпионажа, кои може да вклучуваат одбивање да се предадат документи важни за националната безбедност кога ќе се побараат и пренос или губење на такви информации.

Агентите на ФБИ кои го претресоа Мар-а-Лаго заплениле 11 комплети доверливи документи, вклучително и неколку класифицирани како строго доверливи, според документите објавени вчера во федералниот суд во Флорида.

Агентите барале и документи поврзани со нуклеарно оружје, објави Вашингтон пост во четвртокот.

Вчера, Трамп на својата платформа Truth Social објави дека „прашањето за нуклеарното оружје е „измама“. Тој нагласи дека соработува со властите и „потрагата“ ја оцени како непримерна политичка одмазда.

Наредбата им даде право на обвинителите да одземат документи со докази за прекршување на трите закони.

Многу од запленетите документи биле класифицирани, но трите закони се занимаваат со несоодветно постапување со документите на федералната влада без оглед на тоа дали се доверливи или не.

Тие забрануваат неовластено поседување информации од суштинско значење за националната одбрана, без оглед на тоа дали документите се класифицирани или не. Се казнува со затвор до 10 години за секое прекршување на законот.

Незаконски е да се сокријат или уништат официјални американски документи, што се казнува со затвор до 20 години.

Федералниот закон забранува намерно отстранување на доверливи документи на неовластено место.

Во 2018 година, Трамп потпиша амандман на законот со кој се криминализира несоодветното постапување со доверливи документи и се зголемува максималната затворска казна за оние кои се осудени за тоа од една на пет години, откако ја критикуваше демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон за користење на приватен сервер за е-пошта за чувствителни информации додека била државен секретар.

Останува да се види какви долгорочни последици ќе има конфискацијата на документите за Трамп на политички план или на изборите во ноември.

Анкетата на YouGov на 9 август, ден по рацијата, покажала дека 62 отсто од Американците сметаат дека чувањето доверливи документи од страна на Трамп е „многу голем проблем“ (45 отсто) или „некаков проблем“ (17 отсто).

Но, јавното мислење за Трамп многу зависи од тоа која партија ја поддржуваат испитаниците. Истата анкета покажала дека 76 отсто од демократите сметаат дека постапките на Трамп се значително кршење на законот, во споредба со само 12 отсто од републиканците и 44 отсто од независните.

Анкетата на Morning Consult на 10 август за Politico ја потврдила таа поделба, откривајќи дека 81 отсто од регистрираните демократски гласачи веруваат дека претресот е легитимно заснован на докази дека Трамп извршил кривично дело, во споредба со само 16 отсто од регистрираните републиканци.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата