Притвор за руската новинарка која во вести во живо се побуни против војната во Украина

12.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Притвор за руската новинарка која во вести во живо се побуни против војната во Украина

Според соопштението на судот, Овсјаникова е обвинета за ширење лажни вести за руската армија и е ставена во домашен притвор до 9 октомври. Доколку биде прогласена за виновна, би можела да биде осудена на 10 години затвор, пишува CNN.

Обвиненијата се однесуваат на протестот минатиот месец, кога таа подигна антивоен плакат на брегот на реката Москва, спроти Кремљ, и објави фотографии од протестот на нејзиниот канал Телеграм.

Овсијаникова, која е родена во Украина, стана позната во март откако упадна во студиото на руската државна телевизија, каде што тогаш беше вработена, со антивоен плакат за време на вести во живо. Поради нејзиното противење на руската офанзива во Украина, Овсијаникова веќе неколку пати е апсена и казнувана.

Таа завчера објави дека федералните истражители влегле во нејзиниот дом околу 6 часот наутро за да ја претресат пред да ја одведат за да се соочи со обвиненијата.

Истиот ден, независниот весник Новаја Газета е казнет со 350.000 рубли (5.700 американски долари) за „злоупотреба на слободата на медиумите“. Весникот е казнет поради известување од Херсон, украински град под руска контрола.

По објавувањето на текстот во март, Новаја Газета го отстрани извештајот од својата веб-страница на барање на рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор, изјави портпаролката на весникот Надежда Прусенкова. Новаја Газета, додаде Прусенкова, има намера да поднесе жалба.

Главниот уредник на весникот Димитриј Муратов ја доби Нобеловата награда за мир во 2021 година за неговата борба за слобода на изразување. По неколку предупредувања од Роскомнадзор, весникот ги прекина своите активности во Русија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата