Како Казахстан да пушти нафта, а да ја заобиколи Русија

12.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Како Казахстан да пушти нафта, а да ја заобиколи Русија

Казахстанската влада бара алтернативна рута откако Русија се закани дека ќе го затвори цевководот  CPC, пренесува Ројтерс повикувајќи се на тројца запознаени извори.

Извозот на нафта од Казахстан сочинува повеќе од 1,0 отсто од светската понуда, или приближно 1,4 милиони барели дневно (bpd).

Речиси 20 години таа земја транспортира нафта преку Каспискиот цевковод (CPC) до руското црноморско пристаниште Новоросијск, кое обезбедува пристап до глобалниот пазар.

Во јули, рускиот суд нареди CPC да биде затворен на 30 дена поради, како што рече, штетата предизвикана од невремето, што може да претставува закана за животната средина, што ја натера казахстанската влада и големите странски производители од претпазливост да склучат договори за испорака на нафта на други локации.

Ниту една од алтернативите не е толку практична како цевковод CPC, што го зголемува ризикот од дополнителна нестабилност на енергетските пазари.

Извор со директно знаење за ова прашање изјави за Ројтерс дека казахстанската државна нафтена компанија Казмунаигаз (КМГ) е во напредни разговори со трговската група на азербејџанскиот државен SOCAR за да дозволи продажба на 1,5 милиони тони казахстанска сурова нафта годишно преку азербејџански нафтовод кој доставува нафта до турското медитеранско пристаниште Џејхан.

Протокот преку цевководот на Азербејџан би изнесувал нешто повеќе од 30.000 барели дневно, што е неспоредливо помалку од вообичаените 1,3-1,4 милиони барели дневно преку цевководот CPC.

Конечниот договор треба да биде потпишан на крајот на август, а протокот низ цевководот Баку-Тбилиси-Џехан (БТЦ) ќе започне еден месец подоцна, изјави изворот на британската агенција.

Уште 3,5 милиони тони казахстанска сурова нафта годишно би можеле да почнат да течат преку друг азербејџански нафтовод до грузиското црноморско пристаниште Супса во 2023 година, изјавија два други извори.

Севкупно со протокот низ цевководот БТЦ, испораката на нафта од Казахстан би изнесувала нешто повеќе од 100.000 барели дневно, што е 8,0 отсто од протокот низ Каспискиот цековод.

Потпирањето на Азербејџан ќе му овозможи на Казахстан да ја заобиколи руската територија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата