Да не беше Вилма Русковска, ќе знаеше ли јавноста дека постои и Здружение на јавни обвинители

4.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Да не беше Вилма Русковска, ќе знаеше ли јавноста дека постои и Здружение на јавни обвинители

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија остро реагира на отвореното писмо од јавниот обвинител Вилма Русковска упатено синоќа преку медиумите до странски амбасади и меѓународни организации.

Оттаму, преку соопштение до јавноста велат дека како професионално здружение, со зачуденост го проследиле дописот за кој сметаат дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

„Како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност“, пишува во реакцијата.

Од Здружението додаваат дека при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност. Освен тоа, велат, Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство.

„Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката.

Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации“, се наведува во соопштението од Здружението на јавни обвинители.

Вилма РУСКОВСКА бара странска помош за „загрозувачкиот притисок“ од Муареми: ВЛАСТА Е ПОД ИСТРАГА, НЕ Е САМО ТОЈ

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата