Централниот одбор на СДСМ вечерва ги разреши генералниот секретар на партијата, шестте потпретседатели и организацискиот секретар, откако тие претходно поднесоа оставки.
Оставка не понуди заменик претседателката на партијата Радмила Шеќеринска, како чуство на морална одговорност како и потпретседателите, иако беше избрана на Конгрес.
Според партиски извори прифатени се оставките и разрешени се: Александар Кирацовски од генерален секретар и Миле Зечевиќ од организациски секретар. Прифатени се оставките и разрешени се и потпретседателите на партијата Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Фросина Ташевска-Ременски, Петре Шилегов, Мухамед Закири и Благој Бочварски, како и претседателката на Форумот на жени Цветанка Ласкова. Овие позиции, како што се најавува, треба да се пополнат на нова седница на ЦО – на 9 или на 16 јуни.
Донесените одлуки на ЦО ги потврди лидерот на партијата Зоран Заев по завршување на седницата.
- Суштински одлуки донесовме вечерва, јавно им се заблагодарувам на сите кои денеска престанаа да ја извршуваат функцијата, како и трите организациони секретари, на 6-те потпретседатели, на ИО на СДСМ.
Ова е сериозен израз на одговорност, израз на примање на пораките од граѓаните. Во следните денови ќе имаме консултации за назначување на новите органи. Целиот фокус ќе го насочиме кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Почнавме од нашите редови. Оваа шанса за датум за ЕУ не смее да ја пропуштиме. Секој што прима пари од граѓаните, мора да ги исполнува своите обрвски, без разлика на локално, централно ниво. Избравме претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Граѓаните испратија порака - останаа дома. Еден дел зошто не гласаат за претседател на државата, еден дел - зошто ни порачаа - корегирајте се. Следуваат денови за промени во извршната власт, а за 3 недели ќе има нови именувања во СДСМ. Топлиот ветар да го искористиме за сите.
Љупчо Николовски нема да биде министер за земјоделство веќе, тој е нов генерален секретар на СДСМ. Тој е еден од најуспешните министри на СДСМ, прави чекор наназад за една победничка варијанта и во иднина.
Бескомпромисност кога е во прашање интересот на граѓаните, ја има мојата поддршка и на сите од СДСМ, изјави Заев по седницата на ЦО на СДСМ.
Премиерот претходно разреши 78 претседатели на општински организации на партијата.
Ова се дел од кадровските смени што ги најави премиерот за време на претседателските избори. За министерските смени ќе се одлучува на нов состанок.