Обединетата албанска опозиција денеска ќе го одржи шестиот по ред „национален протест“,кој ќе почне во 19:00 часот пред Владата во Тирана.

Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, на синоќешниот собир во градот Бурел, рече дека Албанците се одлучни да ја земат судбината во свои раце.

Во своето обраќање тој не го поштеди од обвинувања премиерот Еди Рама,за кого рече дека „нема ни достоинство, ниту чест“.

-Еди Рама, кримииналец, крадец, кој нема ниту достоинство, ниту чест. Доколку имаше тронка достоинство ќе си заминеше како што тоа го направија премиерите на Австрија и на Велика Британија. Помошта и придонесот на Германија и САД да ја решат кризата во земјава е неопходна, но за условот кој се однесува на заминувањето на Еди Рама нема преговори,порача Баша.

Посочи дека опозицијата нема да направи ни чекор назад во „битката за живот или смрт“ и ги повика албанските граѓани што помасовно да присуствуваат на протестот,кој е предвидено да трае четири часа.

Лидерката на втората по големина опозициска партија,Социјалистичкото движење за интеграција,Моника Круемади, со многу посмирен тон од претходно побара од оние кои ќе протестираат „да се откажат од насилства и да протестираат на мирен и достоинствен начин“

Инаку, албанските власти ги преземаат сите мерки на безбедност. Владата и Парламентот се оградени со железни огради, а за безбедноста ќе се грижат околу 2.000 униформирани и цивилни лица вработени во МВР.

Во меѓувреме се огласи и американската амбасада во Тирана,која ги предупреди своите граѓани во периодот кога се одржува протестот да бидат внмателни, да ги следат локалните медиуми и да го избегнуваат подрачјето каде ќе се задржува и движи толпата.

Извор: МИА

1

Најчитани вести