Русија ја укина забраната за увоз на коскесто овошје од Македонија

25.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Русија ја укина забраната за увоз на коскесто овошје од Македонија

Почнувајќи од 27 мај, Русија целосно ја укинува забраната за увоз на коскесто овошје од нашата земја, соопшти Министерството за земјоделство. Конкретно, од понеделник од Република Северна Македонија во Руската Федерација ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини. Увозот на праски и нектарини е одобрен со гаранции од македонските надлежни фитосанитарни служби дека истите потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (Winter) Honey.

Дополнително, секоја пратка од праска и нектарина наменета за рускиот пазар, која потекнува од незаразено подрачје, ќе биде пропратена со веродостојни лабораториски анализи издадени од македонската Државна фитосанитарна лабораторија со акредитирани методи за анализа на оваа габа.

Забраната за извоз на коскесто овошје во Русија стапи на сила во август минатата година по потврденото присуство на штетниот организам Monilinia Fructicola во Република Северна Македонија. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализираше на крајот на април годинава.

Трговската размена помеѓу двете држави бележи значителен пораст. Само во првите месеци од оваа година за 90% е зголемен извозот на земјоделско- прехранбени производи од Република Северна Македонија во Русија, споредбено со истиот период минатата година. Зголемениот извоз се должи пред се на извозот на јаболка, нo тренд на пораст се бележи и кај другите производи кои се извезуваат на рускиот пазар.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата