Си била еднаш една земја…

7.03.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Си била еднаш една земја…

Живеам во една земја на Балканот, која се граничи сама со себе, нејзините соседи го зборуваат истиот јазик, ги пеат истите песни, ги играат истите ора, ама се негираат едни со други, тврдејќи дека соседот е само фикција, измислица.

Тука војните никогаш не завршуваат, а историјата се повторува секој ден, но никој никогаш не научил ништо од неа, ниту си ја знае својата вистинска историја.

Со векови се докажуваме кој е постар и кој од кого потекнува, кој постои , а кој не. Кубурата тука се чува за зло време, а се пука само на свадби, гласот се подига само кога се пее, за неправдата и незадоволството само се шепоти по ходници, ќошиња, за да не чуе некој случајно.

АНАРХИЈА И ХАОС

Законите се во мојата земја незаконити и формални, се носат и се менуваат на секој час и зависат од волјата и од потребата на поединци, од годишното време , расположението на пратениците, желбата на странците.

Анархијата и хаосот се нормална состојба, демократијата се смета за право да плукаш по друг, навредуваш и омаловажуваш, на аргумент да одговориш со пцост и клетва. Тука судскиот систем е столб на кој се качила и заседнала извршната власта, академијата за судии и обвинители служи за обука на оние кои никогаш нема да бидат самостојни и независни и кои ќе водат судски постапки, кои траат подолго од човечкиот живот.

Најголемиот број од населението смета дека земјата ќе напредува што повеќе назадува, а власта е бесмртна и ги презира граѓаните како несакани и незгодни сведоци и се присетува на нив само пред избори. Тука се живее на кредит и на рати, се живее за некаква далечна иднина бидејќи на сегашноста немаме право, тоа е само за елита, за избраните.

Секое утро сите брзаат на работа, возат како камикази, но никој не стигнува навреме. Работното време за вработените трае осум часа, всушност реално не трае ни два часа.

Вработените ништо не работат, шетаат по пазарите, седат по кафулињата, озборуваат, кодошат и секогаш сè знаат, освен својата работа, за која се комплетно незаинтересирани. Невработените во мојата земја најмногу работат и токму тие ги служат вработените по кафулињата, рестораните, продавниците и пазарите. За нив работното време трае и по дванаесет часа. Најбогати во мојата земја се оние кои никогаш не работеле.

Во мојата земја ретко кој чита, ама сите се експерти за сè, од неврохирургија до воена стратегија. Сите знаат сè, но никој никогаш не прави нешто, ниту е некогаш патентиран некој светски производ.

КРИМИНАЛЦИТЕ СЕ ИДОЛИ

Се гордееме со најдоброто образование, а го менуваме образовниот систем секое полугодие и учениците се сè помалку писмени и образовани. Професорите сметаат дека учениците постојат поради нив, а родителите сметаат дека професорот треба да им го даде и домашното воспитување на своето дете што тие го пропуштиле и затвораат очи пред фактот дека детето им е веќе малолетен деликвент.

Неписмените ни ја пишуваат историјата, умните поради неразбирање ги прогласуваме за лудаци, а лудаците за способни. Во мојата земја, криминалецот е идол и е ценет, а доктор на науки се смета за ветрушка и голтар.

Ние живееме на најплодната земја, но поголемиот дел од народот гладува, а на најплодната земја садиме бесцарински зони, магацини, казина, ресторани и кафеани. Поплавите се сè уште начин на наводнување, а приносот ни зависи од Божјата волја. Можеби токму затоа и промовираме и негуваме Божји туризам, туризам без вложувања оставен единствено она што го дал Господ, без да создадеме услови и инфраструктура за него.

Во мојата земја, здравството е бесплатно, но лечењето е прескапо и ретко кој може да си го дозволи. Железницата, не само што нема ред на возење, туку нема ни возови. Слично е и со нашата авијација, која нема авиони, а морнарицата нема море. Сите се патриоти, но секој од нив одвај чека да замине во странство или да добие странски пасош.

Во мојата земја, странската валута е земена за домашна, па сите пресметки, па дури и митото се пресметува во евра. Сите јавни набавки се тајни, сите државни тајни се јавни. Нас секогаш ни е виновен некој друг и секоја наша реченица почнува со тоа кој е виновен. Новинарите се слободни да го напишат сето она што ќе им се каже и порача и вистината е лага, а лагата вистина.

Во мојата земја луѓето слават именден, а се викаат на прекар, слават слава, а го пцујат Господ и веруваат дека Господ верува во нив, а не тие во него.

Во мојата земја, луѓето пеат најчувствителни и најтажни песни за љубовта, но никој никого не сака и секој секому се смешка, а му мисли зло.

На која земја на Балканот и да си помислил, во право си.

Звонко Давидовиќ, адвокат

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата